Бојко Борисов, премиерот на Република Бугарија, денеска го посети и Собранието на Република Македонија, каде што оствари средба со претседателот на Собранието, Талат Џафери.

На средбата Џафери истакна дека денешниот ден ќе биде забележан како меѓник на означување нова страница во односите меѓу двете држави, заради значајниот исчекор што двете држави го направија со заокружување на долгогодишните напори преку потпишување на Договор за пријателство, добрососедство и соработка, за која изрази уверување дека ќе се интензивира во иднина, особено заради декларираната договорна поддршка на Република Бугарија да сподели сопствени искуства со Република Македонија околу членството во НАТО и Европската Унија.

Борисов на средбата изрази задоволство од чинот на потпишувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, кој треба да понуди една нова перспектива во односите и да ги остави во историјата многувековните и децениски несогласувања меѓу двете држави.

Претседателот Џафери ја искористи приликата и упати официјална покана до неговиот колега, претседателот на Народното собрание на Република Бугарија, Димитар Главчев, да ја посети Република Македонија во првата половина на 2018 година за време на Бугарското претседателство со Советот на Европската Унија, со што ќе се даде нов импулс кон напорите на Република Македонија за отпочнување преговори за членство во ЕУ.