Директорот на неврохирургија, Александар Чапаровски се уште се наоѓа во полициска станица откако вчера беше приведен по пријава од пациент за земање мито. Со него се уште се разговара, инспекторите за финансиски криминал го испрашуваат, потврдија за НОВА од МВР.

„Уште е во полициска станица каде ќе биде задржан до законски предвидениот рок, а потоа ќе биде изведен пред јавен обвинител и ќе му биде поднесена крвична пријава. Обвинителот ќе одлучи дали ќе му биде одредена мерка притвор и дали ќе биде прифатена кривичната пријава“, велат за НОВА во МВР.

Според извори на НОВА, во полициска станица бил приведен само Чапаровски, а и кривичната пријава се однесува само на него, иако за време на апсењето со него во кабинет биле уште двајца познати неврохирурзи.

Неофицијално, Чапаровски побарал пари од таткото на 14 годишно девојче кое требало да замине на лекување во странство, а за возврат требало да издаде конзилијарно мислење. Кај него биле најдени 1000 евра, обележани пари. Извори на НОВА тврдат дека во кабинетот во неговиот шкаф полицијата пронашла илјадници евра, се спомнува сума од 30 000 до 50 000 евра. Во неговиот дом каде што бил извршен претрес потоа, биле пронајдени уште 10 000 евра.

Вработените на клиниката се револтирани бидејќи како што велат, според нивни сознанија не се знаело каде завршуваат парите од косовските пациенти кои тука плаќаат приватно, со цела сума на пари за операции. Наводно, добар дел од тие пари завршувале без траг, а штос е случувало знаел само директорот на клиниката. Директорот Чапаровски им паднал во очи на вработените и по наглото трошење на големи суми пари што порано, во изминатите години пред да стане директор не било случај. Никој не можел да му се спротистави и да му укаже нешто бидејќи, како што велат нашите извори, тој бил во блиски врски со фамилијата која беше на власт.

На скопските хируршки клиники медицинскиот персонал е  револтиран заради ваквиот однос кон пациентите, лекарите да се заработуваат на мака на болните. Велат дека овој тренд на „благодарност“, како што го нарекуваат лекарите е  присутен кај повеќето од нив особено кај хирурзите. Тоа е и причината што многумина од нив не сакаат да одат да работат во приватни болници каде што платата е многу поголема, но таму нема можност за земање на мито од пациенти.