Началникот на Петтата Управа, Горан Грујовски, кој е осомничен во случајот „Тврдина“ е разрешен од позицијата, соопшти денеска на прес конференција министерот за внатрешни работи, Митко Чавков.

На новинарско прашање за тоа дали Грујоски примал плата додека е во отсуство од работното место, Чавков одговори дека Грујоски вчера го прекинал боледувањето, се вратил на работа и потоа е разрешен од позицијата началник. Тој додаде дека на неговото место, се уште нема поставено некој нов.

Тој не ја откри причината зошто е разрешен Грујоски од позицијата.

Тврдина е третиот предмет што го обелодени СЈО, а во кој се осомничени 5-мина, тројца началници на оддели во УБК, екс министерката за внатрешни работи и вработена во архивата. Повеќе информации за случајот „Тврдина“ на следниот линк.

Истрага за секретарката со пушката од СВР- Битола

Чавков на новинарско прашање за тоа дали внатрешната контрола при МВР има покренато истрага во врска со објавената фотографија на вработена во МВР која е сликана со автоматско оружје на свадба, Чавков рече дека тие добиле информации дека се работи за оружје кое не е службено, но додаде дека има сериозни индикации за повреди на прописи од Законот за внатрешни работи, и дека ќе се истражува и евентуална кривична одговорност.

Потпретседателот на СДММ, Дарко Каевски, вчера објави фотографии, дека Марија Р.К. вработена во СВР Битола, на својата свадба пукала рафално со пушка за време на прославата.

Полициска акција „Којот“

Од МВР денеска соопштија дека Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал ја започнал оперативната акција „Којот“, при што била разбиена криминална група на подрачјето на Велес, Неготино, Гевгелија и Скопје.

„Во текот на минатата ноќ па се до утринските часови извршени се претреси на дом и други простории на 24 локации во Велес, Неготино, Гевгелија и Скопје кај повеќе лица, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела Злосторничко здружување, Разбојништва, Лажно претставување, Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори, Криумчарење на мигранти и Злоупотреба на службената положба.

Организатори на криминалната група се три лица од Велес, од кои еден вработен во Секторот за внатешни работи Велес. Групата почнала да дејствува од почетокот на 2015 година на национално и меѓународно ниво. Вршеле кривични дела од областа на насилниот криминал, недозволена трговија со дрога, криумчарење мигранти и коруптивни кривични дела. Во вршење на криминалните активности на криминалната група учествувале и полициски службеници од СВР Велес.

Полициските службеници контактите и дејствијата при вршење на кривичните дела ги извршувале и за време на работа и во врска со својата службена положба притоа истата ја злоупотребувале со цел на криминалната група да им овозможат информации и друга помош и логистика за успешно извршување на кривичните дела, меѓу што и обезбедување на полициска униформа за вршење на кривичните дела, а во неколку случаеви и активно учествувале во извршувањето. Досега при претресите пронајдени се автоматски пушки, рачна бомба, пиштол, дробилка за марихуана, муниција за огнено оружје, службена документација – доставници за судски акти за извршување, документација од исплата на парични средства“, соопштија од министерството.

Според МВР, припадниците на криминалната група учествувале и во други кривични дела. Двајца од тројцата организатори на криминалната група биле организатори и на разбојништвото што се случи во Велес на 08.02.2016 година, кога од вработени во агенција за обезбедување беа одземени четири касети сопственост на Стопанска банка во кои имало 4 милиони денари.

„Утврдено е дека првопријавениот 35-годишен велешанец на територијата на Велес и Штип подолго од една година организирал поголема мрежа на препродавачи – дилери на дрога. Првопријавениот ја набавувал дрогата-претежно марихуана (од Албанија или Скопје) и ја доставувал до други припадници на групата, кои пак преку посредници ја дистрибуирале до уличните дилери.

Во делот на Кривичните дела против човечноста и меѓународното право од страна на организираната криминална група се испланирани, организирани и извршени неколку кривични дела „Криумчарење на мигранти“. Со криминалистичкото истражување утврдено е дека од страна на криминалната група е организиран транспорт на најмалку 559 мигранти. Криминалната група делувала и преку Казнено поправна установа затвор Гевгелија, каде осуденик учествувал во пронаоѓање на мигранти и првични договори за кривично дело криумчарење на мигранти, а основите за сомневања беа потврдени кога при претресот во затворската ќелија биле пронајдени мобилни телефонски апарати“, велат од МВР.

Во претходните денови веќе лишени се од слобода пет лица, во текот на денешниот ден пронајдени и лишени од слобода се уште четиринаесет лица, по три лица се уште се трага, едно лице се наоѓа надвор од државата и едно лице се наоѓа на издржување казна затвор.