Државната изборна комисија попладнево испрати соопштение до јавноста, како што претходно најави претседателот на Комисијата, Александар Чичаковски. Во соопштението се вели дека одлуките за надоместок се донесени согласно Закон и врз основа на позитивните законски прописи , но сепак членовите на ДИК утре ќе расправаат по предлог-одлука за отповикување на донесените одлуки за определување на надоместок за членовите на Државна изборна комисија и вработените во стручната служба за спроведените избори

– Претседателот и членовите на изборните органи и изборната администрација имаат право на надоместок согласно член 19 од Изборниот законик што се утврдува со акт што го донесува Државната изборна комисија. Ова право е утврдено за вработените во Државна изборна комисија од 2006 година, а за членовите на Државната изборна комисија од 2014 година – пишува во соопштението од ДИК.

Во соопштениеето пишува дека Правилникот за утврдување на критериумите за исплата на надоместокот на изборните органи е донесен по распишување на изборите во согласност со определениот буџет одобрен од страна на Собрание на Република Македонија и истиот е објавен на страната на Државната изборна комисија.

Од Државната изборна комисија велат дека од распишување до завршување на изборите се во постојано заседание, континуирано, без оглед на неработни денови и празници и работниот ден најчесто трае повеќе од 20 часа.

Амбасадорот на САД Џес Бејли, денеска на предавање посветено на борбата против корупцијата кое се одржа на Факултетот за безбедност – Скопје рече дека слушнал дека членовите на Државната изборна комисија си изгласале дополнителна плата за работата која ја завршиле за локалните избори во октомври.