Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ остана на ставовите кои ги кажа во текот на минатата недела во однос на барањата кои ги испорача СЈО, а тоа е дека нема да прифати никакво разгледување на било какво барање од страна на СЈО од неколку причини, порача денеска на прес конференција, Илија Димовски.

„Првата причина е дека не прифаќаме никакви нови договарања и предоговарања, рокови надвор од тоа што беше договорено во рамките на процесот наречен Пржино и тоа без ВМРО-ДПМНЕ не може да се случи, а ВМРО-ДПМНЕ нема согласност за таква работа. Се што беше доставено како субјект и потреба од страна на сите субјекти вклучени во тие разговори, се беше овозможено.

Втора работа е дека овој парламент од страна на СЈО беше наречен нелегитимен, не знаеме под кој основ тогаш од ова Собрание се бара промена на закони ако е нелегитимно и нема право да носи закони. Не беше доставен ни финансиски извештај што е прв пат во плурална Македонија а можеби и претходно, институција да не достави финансиски извештај како ги троши парите на граѓаните. Се работи за повеќе од 60 милиони денари.

И другата работа е самото недоаѓање на Комисијата за политички систем и грубо отфрлање да се брани извештајот. Ова се доволна причини за пратениците да гласаат спротивно на овие две барања“, рече Илија Димовски.