Белград: Дијана Хрка, мајката на Стефан Хрка, кој трагично загина при уривање на настрешница на Железничката станица во Нови Сад, штрајкува со глад единаесетти ден. Таа потврди дека се чувствува лошо и слабо, но вели дека нема намера да се откаже, објавуваат медиуимите.
Во обраќање Хрка ги негираше тврдењата на Воената разузнавачка агенција (ВБА) дека снимила разговор со српскиот претседател Александар Вучиќ. „Се чувствувам малку послабо, малку ми падна крвниот притисок, не се чувствувам добро. Вчера, ВБА му кажа на претседателот дека го снимам разговорот, па би сакала да ме контактираат за да ме прашаат за тоа. Зошто се занимаваат со мене, јас сум цивил, а не војник?“, праша Хрка.
Ова не е нормална ситуација, ова не е нормален живот. Преживуваме една година, ова е срам. Не ширете лаги за мене и моето семејство“, рече таа.
Таа потврди дека била прегледана од лекар и дека одлуката да ја прими инфузијата била нејзина. „Ако не се чувствувам добро, ќе се согласам на инфузијата, но не се откажувам од штрајкот со глад, останувам тука до крај. Што и да се случи, ќе се случи, рече таа.
Обвинителството мора да почне да си ја работи својата работа. Никој не е во затвор, само нашите студенти. Овој човек (Вучиќ) е најголемиот кукавица.
Никогаш не сум видела поголем кукавица од него. Многу сум разочарана од него како човек, има три деца, нека се сети само на своите деца. Многумина од нас изгубија деца затоа што тој е на власт“, додаде таа. „Сите ќе бидат тужени за секоја невистина. Ќе поднесам тужба против сите, ако е потребно и против претседателот за прикривање, секако дека ќе го направам тоа“, изјави Хрка за тамошните медиуми.

