Денешната рунда преговори помеѓу четирите политички партии за Пржинскиот договор, заврши без резултат.
За разлика од претходните денови, денеска преговорите траеја некаде околу два часа во Клубот на пратеници, по што партиите излегоа без изјави.
Американскиот амбасадор Џес Бејли информираше дека преговорите продолжуваат утре.
Пред преговорите политичките претставници изјаснија различни гледишта. Според Никола Тодоров од ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ постојано одбивал предлози а неговата партија била постојано конструктивна и секогаш давала предлози за конечно решение.
– Се разговара за две работи. Првата е по завршување на изборите да заврши Владата од Пржино и, втората, да не може да се прави злоупотреба и масовна партиска чистка во МВР, изјави Тодоров пред почетокот на преговорите.
Од друга страна Радмила Шеќеринска потенцираше дека ВМРО-ДПМНЕ бега од регуларни избори и од Договорот од Пржино.
– Сметаме дека на Македонија час поскоро ѝ требаат демократски и фер избори и затоа предлагаме решенија, а не отвораме нови прашања, вели Шекеринска, дополнувајќи дека според она што се случуваше изминативе два месеца и новите барања коишто беа измислени во последните 10-тина дена, јасно било дека ВМРО-ДПМНЕ бега од регуларни, фер и демократски избори, бега од Пржинскиот договор и бега од спроведување на се она што било ветено и во текот на минатата и во текот на оваа година.
Артан Груби од ДПА пак, рече дека разликите се минимални и можат да се надминат, и очекува конечен договор што е можно поскоро.
– Разговорите се одвиваат во конструктивна атмосфера. Разликите се многу минимални и сме блиску до договор. Се надевам дека договор ќе постигнеме денеска или најдоцна утре, а единствената можна дата за избори оваа година е 11 декември, порача Груби пред да започнат преговорите.




