Две години и шест месеци казна затвор за Захир Бектеши Чауш и парична казна од 123.000 денари за сторени две кривични дела – фалсификување на исправа и злоупотреба на податоци.
Казната затвор се однесува на фалсификување на исправа додека паричната на злоупотреба на податоци. За истите дела е осуден и брат му Имер Бекири, на една година затвор и парична казна од 61.500 денари.
Судот одлучи предметите за коишто пресуди дека се поврзани со кривичните дела да се одземат. Исто така судот ја укина мерката притвор се додека пресудата не стане правосилна, а Обвинителството има рок од 48 часа да поднесе жалба на одлуката за притворот.
Се додека трае законскиот период од 48 часа за жалба, браќата ќе бидат во притвор, а подоцна со правосилност на пресудата ќе бидат на слобода. Исто така е одземена и патната исправа на Бекири како мерка за обезбедување присуство. Образложението на судот за укинување на притворот е дека кривичните дела се обезбедени, не постои опасност делото да биде повторено, ниту да се влијае на самата постапка.
Беќири е ослободен од кривичното дело кое се однесува на изработка и набавка на оружје, бидејќи во описот на обвинението не се содржеле елементи на ова кривично дело. Судот ниту ги спомна ниту донесе каква било пресуда и за наводите на обвинителството дека во домот на Чауш се пронајдени фајлови со прислушувани материјали . Адвокатот на Чауш Мирослав Вујиќ посочи дека во четирите главни расправи не се прикажани никакви фајлови, па така останува прашањето каде се тие и зошто обнвинителството имаше такво тврдење. Адвокатот посочи дека ќе ја почека пресудата на писмено, по што ќе ја коментира. Вујуќ само посочи дека во неговата 25 годишна кариера за првпат има можност да ги оставри сите законски права пресудата.




