Амбасадите на САД и Европската унија кои се гаранти на политичкиот договор од Пржино, очекуваат од лидерите на четирите партии да ги исполнат своите ветувања и обврски и да одржат кредибилни избори на 11 декември, пренесе телевизија Телма.

Американската амбасада и Делегацијата на ЕУ денеска одговорија на писмото што во петокот им го упати лидерот на СДСМ, Зоран Заев.

Заев упати апел дека е загрижен дека владејачките партии ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ прават чекори за уривање на изборите и усложнување на кризата. Според него, овие чекори се видливи во неизјаснувањето на Уставниот суд за СЈО, раното носење на буџетот за 2017-та година и злоупотребите на судството. ВМРО-ДПМНЕ обвини дека Заев со писмото до амбасадите бара алиби да ги одложи изборите и да ја продолжи кризата.

„Ги поттикнуваме партиите да се држат до своите заложби според договорите од Пржино и од 20 јули за да обезбедат кредибилни избори и непречена работа на СЈО и независните набљудувачи на медиумите“, апелираат од Американската амбасада, пренесе Телма.

Од Делегацијата на ЕУ пак велат дека очекуваат од сите лидери и нивните партии да ја почитуваат нивната заложба од 31 август за одржување на кредибилни избори на 11 декември.

„Веруваме дека таквите кредибилни избори се во интерес на земјата и нејзиното враќање на патот на евроинтеграциите“, велат од ЕУ.