Специјалниот известувач на Европскиот парламент за Македонија, Иво Вајгл денеска дискутираше за правата на ЛГБТИ заедницата во Македонија со Антонио Михајлов од организацијата „Субверзивен Фронт“, како и Филип Аврамчев, член на Извршниот Одбор на Либерално демократската партија и Јасмина Конеска – членка на Советот за евро-атлантски интеграции и Одборот за меѓународни политики.

На состанокот биле дискутирани положбата на ЛГБТИ-лицата во Македонија и начините како Европскиот парламент може да помогне во подобрување на истата.

Антонио Михајлов вели дека во последните две години, ЛГБТИ-прашањата се лоцираа на маргината од политичкиот дискурс во Македонија, како и прашањата на останатите маргинализирани општествени групи, како Ромите и бегалците.

„Објавувањето на аудио записите од прислушкуваните комуникации на повеќе од 22000 лица во РМ, кои откриваат криминални и коруптивни акти сторени од претставници на највисоката власт, ги цементираше дискусиите за проблемите и потребите на различните маргинализирани општествени групи на дното од политичкиот и општествениот дискурс. Меѓу овие групи се најде и ЛГБТИ-заедницата чија видливост беше значително намалена во последните 2 години од објавувањето на првите аудио снимки. Заедно со неа, беа потиснати и потребите и проблемите на Ромите и на бегалците, како едни од најдискриминираните групи во македонското општество. Исклучок од ова правило беше изјавата на Зоран Заев од минатогодишниот масовен протест на 17 мај пред зградата на Владата на РМ, како и присуството на знамињата со боите на виножитото кај дел од учесниците на истиот протест чиј датум се совпадна со IDAHOBIT – Меѓународниот ден за борба против хомофобијата, трансфобијата и бифобијата“, вели Михајлов за НОВА.

Според него,  некои од начините како да се зајакне учеството на ЛГБТИ-лицата, а со тоа и присуството и видливоста на ЛГБТИ-проблемите и потребите во политичката сцена е преку номинација и избор на кандидати на изборните листи кои јавно се декларираат како дел од ЛГБТИ-заедницата, преку создавање „крила“ за ЛГБТИ во пратеничките групи – група од пратеници од различни политички партии кои ќе ги застапуваат правата и интересите на ЛГБТИ-лицата, преку обука и професионален развој на политичари, државни функционери, па дури и деловни луѓе на теми за застапување на правата на ЛГБТИ-лицата, преку избор на ЛГБТИ-кандидати на функции во локалните власти, и преку зачестено сензибилизирање, известување и едуцирање на медиумите и пошироката јавност за проблемите и потребите на оваа заедница.

Специјалниот известувач на Европскиот парламент, кој е пратеник од Алијансата на либералите и демократите за Европа во Европскиот парламент, Иво Вајгл, истакна дека Европскиот парламент ќе продолжи со посветеноста во застапувањето на правата на ЛГБТИ-лицата во рамките на надлежностите кои ги има, а посебно во земјите кандидати и аспиранти за зачленување во Европската унија. Истовремено, тој ја изрази загриженоста од зголемувањето на влијанието на конзервативните и десничарски движења и реторики ширум Европа, посебно после Брегзит и победата на Доналд Трамп на претседателските избори во САД, кои со себе вообичаено репродуцираат хомофобични и исклучувачки реторики.

Се разговарало за досегашните заложби на Либерално демократската партија во застапувањето на правата на ЛГБТИ-лицата, како една од малкуте политички партии во Македонија кои континуирано ги поддржуваат ЛГБТИ-лицата во нивната борба за еднаквост во општеството.

На крајот од состанокот, Михајлов информирал за актуелната кампања „Гласај за еднаквост“ која Субверзивен Фронт ја спроведува, а се однесува на политичкото учество на ЛГБТИ-лицата во РМ во светло на предвремените парламентарни избори на 11 декември 2016, како и за Првата национална ЛГБТИ-конференција во Македонија, закажана на 6 дена пред изборите, на 5 декември.