Се уште не се знае кој ќе го добие тедерот за Јавно приватно партнерство за стерилизација бидејќи поради комплексноста на процедурата не е завршена евалуацијата, тврдат за НОВА од Министерството за здравство . Со овој тендер Стерилизацијата треба да ја менаџира приватен партнер што предизвика бура од реакции кај стручната јавност и Асоцијацијата за дезинфекција и стерилизација, кои велат дека не биле консултирани и не било земено во обзир нивното мислење, а за самиот тендер сметаат дека е небулозен.

„Министерството за здравство спроведува постапка за доделување Договор за воспоставување на „Јавно приватно партнерство за интегрирано менаџирање со иновативни решенија за хируршки зафати и здравствена заштита од болнички инфекции“, со Отворена постапка во согласност со член 15 од Законот за концесии и јавно приватно партнерство („Службен весник на Република Севрена Македонија“ бр. 6/12, 144/14, 33/15, 104/15 и 215/15) и член 21 од Законот за јавни набавки („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 136/07, 130/08, 97/10, 53/11, 185/11, 15/13, 148/13, 28/14, 43/14 , 130/14, 180/14, 78/15, 192/15, 27/16 , 120/16, 165/17 и 83/18),и во овој момент можеме да ве известиме дека евалуацијата не е завршена земајќи ја во предвид комплексноста на предметот“, велат за НОВА од Министерството за здравство.

Од таму не ги откриваат фирмите кои се пријавиле на тендерот бидејќи како што велат„ при евалуација на понудите Министерството за здравство има обврска да ги чува во тајност содржината на понудите и секоја друга информација поднесена од кандидатите или понудувачите согласно горенаведените закони“.

Сепак, НОВА неофицијално од свои извори упатени во проблематиката дознава дека за многу скоро ќе се знае кој ке го добие тендерот бидејќи одлуката ќе биде донесена наскоро.

Неофицијално, две фирми од Албанија и Италија,  „Евита схпк“ и „Стеримед“  се во трка да ја земат во свои раце Стерилизацијата во државата која по замисла на ресорното Министерство треба да биде стационирана на четири локации : Клинички центар „Мајка Тереза“ – Скопје, една резервна локација во Скопје која што ќе биде дополнително утврдена, како и во Општите болници во Кавадарци и во Охрид.

Извори за НОВА од македонските фирми кои се претставници на странски брендови во земјата, велат дека немале можност да учествуваат на тендерот поради високите критериуми во тендерската документација како што е висока банкарска гаранција, обрт од 30 милиони евра во оваа дејност во последните 3 години, (за подизведувач обрт од 20 милиони евра) и слично.

„На ваков начин се елиминираат сите фирми кои се занимаваат со стерилизација во Македонија. Што ќе се случи кога ќе заврши договорот за јавно приватно партнерство после 15 години. Која фирма ќе остане дотогаш, сите ќе си заминат од државата“, велат од фирмите кои немале можност да учествуваат на тендерот.

Овиe фирми сега ја покриваат стерилизацијата која вклучува инструменти за интервенции, потрошен материјал за стерилизација, дезинфициенти, средства за хигиена, униформи и т.н зелен веш, сетови за еднократна употреба, сервис и слично и тоа е многу важен сегмент во сите области во здравството каде што се употребуваат разни видови медицински инструменти.

Инаку, во ноември минатата година бил склучен договор меѓу Министерството за здравство, претставувано од министерот Венко Филипче и ЕПИ Центар Интернационал ДООЕЛ, Друштво за услуги трговија за изработка на Физибилити студија за “Интегрирано менаџирање и иновативни решенија за хируршки зафати и здравствена заштита од болнички решенија“ во  износ од 499 000 денари.  Дознаваме дека оваа Физибилити студија е завршена, но досега никој не ја видел.

Од фирмите прашуваат зошто оваа студија не е јавно достапна, односно зошто Министерството за здравство ја држи во тајност.

За стручњаците во оваа проблематика е сипоматично и зошто неколку месеци пред овој „стратешки проект за стерилизација“ повеќе клиники распишале милионски тендери за опрема и инструменти. Зошто се прават толку големи трошоци кога е предвиден голем тендер со кој приватен партнер треба да инвестира во опрема и инструменти. Како илустрација, во септември минатата година имаше тендер за набавка инструменти на  Клиника за гинекологија  во вредност од 2.600.000 денари, во декемри за хируршки инструменти во износ од 6.000.000 денари, на Клиниката за очни болести-3.000.000 денари, а во март годинава набавка на Министерство за здравство за лапараскопска хирургија во вредност од 34.229.676.00 денари, како и тендер на Клиниката за пластична хирургија.

Кои се фирмите што учествуваат на тендерот за стерилизација

Извори за НОВА кои се упатени во проблематиката велат дека тендерот за Јавно приватно партнерство за Стерилизација(Јавно приватно партнерство за интегрирано менаџирање со иновативни решенија за хируршки зафати и здравствена заштита од болнички инфекции) е копија на тендерот во Албанија од 2015 година тежок 91 милион евра,  а не само што се покажал неуспешен туку и за него се води голема истрага во оваа соседна земја.

Од информациите во албанските и италијанските медиуми може да се види дека причината за неуспехот на овој проект во Албанија и истрагата која е отворена за случајот,  се енормно високите цени на услугите, дополнителна поделба на сетовите за стерилизација со што неколкукратно се зголемувале цените и многу други небулози кои излегле на површина подоцна.

Италијанската Агенција Нова, пишува дека Обвинителството во Албанија започнало истрага за најмалку три тендери на Министерството за здравство, чија вкупна вредност изнесува околу 290 милиони евра кои ги плаќа Државната каса. Се работи за тендери за хидроелектрани, хемодијализа и стерилизација на хируршката опрема. Во текстот се вели дека истрагата, која ја спроведе тамошната Антикорупциската единица за сериозни злосторства, започна по низа статии објавени во албанскиот печат и обвинувања од страна на опозиционата Централно-десничарска партија, предводена од Лулзим Баша, според која „има фаворизирање во корист на победниците од тендерите“. Според официјалните информации од албанското обвинителство, истрагата треба да се прошири на највисоките нивоа на Министерството.

Еден од тендерите кој е предмет на истрага од страна на канцеларијата на албанскиот обвинител се однесува на услугата на хемодијализа, која ја доби конзорциумот составен од Евита спхк и Американската болница, која со години се наоѓа во Албанија, контролирани од турска групација. Износот е 86 милиони долари (78 милиони евра).

Евита спхк е основана во мај 2013 година и контролира 85 проценти од акциите во победничкиот конзорциум. Дури и нејзината финансиска понуда беше меѓу највисоките во споредба со другите конкуренти. Министерството за здравство не понуди никакво објаснување за предностите што овој конзорциум би го имал во споредба со другите и за причините за неговиот избор, пишува Агенција Нова.

Третиот тендер во истрагата се однесува на стерилизацијата на хируршката опрема тежок 91 милион евра, а го доби Сани сервис составен од конзорциумот од Инвестлар ДООЕЛ со три италијански компании: Servizi Italia; Tecnosanimed; и U.Jet S.r.l. Инвестлар ДООЕЛ, кој поседува 40 отсто од акциите, а бил регистриран во Косово од страна на албанскиот емигрант Илир Ррапај, кој со години живее во Италија во регионот на Умбрија, каде што поседува мала градежна компанија.

Ррапај бил присутен и виден неколку пати во друштво на албанскиот министер за здравство, на официјални средби и со претставници на регионот Умбрија и со италијански претприемачи. Другите натпреварувачи во трката за тендерот пријавиле нерегуларности бидејќи, според нив, победничкиот конзорциум имал најскапа понуда. Но, Министерството за здравство одговорило дека “тоа е само клевета”, информира Агенција Нова на 14 декември 2015 година.

Нема информации до каде е истрагата со овие тендери, но извори кои ја следат проблематиката пошироко во регионот велат дека истите фирми се пријавиле и на тендерот за Стерилизација во македонското Министерство за здравство.

НОВА истражуваше кои се фирмите кои се во трка за да го добијат тендерот за Стерилизација на Министерството за здравство. Дознаваме дека фирмата Евита схпк од Тирана настапува во име на две фирми од Италија,( тоа се Сани Сервис и Сервизи Италија), додека Стеримед Италија која е дел од групација на Сол Груп кои имаат свои преставништва во Албанија и во Македонија, која исто како и албанската фирма имаат офшор компании со скриени сопственици во Холандија.

Евита схпк е всушност фирмата која го добила тендерот за хемодијализа во Албанија, а  сега се јавува на тендерот за стерилизација во Македонија, со конзорциум на фирмите кои што го добиле тендерот за стерилизација во Албанија (Сервизи Италија и Сани сервис.)

И не само што во трка се фирми зад кои е сомнителен и пропаднат тендер во Албанија за кој се води истрага, туку очигледна е и сличноста на овој за стерилизација со скандалозниот тендер за реагенси кој беше поништен и каде што исто така се бараа високи критериуми со што исто така, фирмите во државата беа оневозможени да конкурираат.

.