Скопскитте градоначалници утре напладне ќе се сретнат за да разговараат за загадувањето на амбиенталниот воздух во скопскиот регион, соопштија вечерва од кабинетот на градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски. Состанокот помеѓу градоначалниците е на покана на Трајановски, а ќе се одржи во просториите на Градот Скопје во Градскиот парк.

Во среда, пак, е најавен протест на граѓани и активисти организирани преку социјалните мрежи. Тие бараат конкретни мерки од институциите: воведување пар-непар возење, забрана за движење на возила кои се без катализатори за издувни гасови, бесплатен градски превоз цела зима, зголемен број на инспекции, обезбедување на бесплатен огрев за граѓаните кои се греат на гуми како и привремена забрана за работа на сите индустриските капацитети. Протестот ќе се одржи во 17 часот во Градскиот парк.

Загадувањето во Скопје достигнува животно загрозувачки размери. И покрај високото ниво на загаденост, институциите не реагираат. Нема конкретно мерки за да се намали загадувањето на воздухот. Експертите потенцираат дека две најголеми причини загадување се печките во домаќинствата и издувните гасови од возилата. Индустриските капацитети учествуваат со 20 проценти во загадувањето. Од 900 до 1.000 смртни случаи се резултат на зголемената аерозагаденост во земјава, а Македонија е петта во Европа по стапка на смртност од загаденоста на воздухот преку ПМ10 честичките, алармираат експертите од ова поле.