Поранешниот премиер и поранешен лидер на ВМРО ДПМНЕ, по денешната пресуда од две години затворска казна се произнесе на Фејсбук.

– Главата горе горди мои Македонци и горди граѓани на Македонија! Ова е твоја земја, ние нема да те изневериме и ќе бидеме рамо до рамо со тебе, во сите предизвици. Ти си нашата сила, ние сме вашата сила – напиша Груевски на Фејсбук.

Тој порачува дека доаѓаат подобри времиња.

Главата горе и не заборавајте, ова е ваша земја, ова е земја на сите вие кои што живеете во неа и ничија друга, вие одлучувате! Да живее Република Македонија – напиша Груевски на Фејсбук.

Тој во прилог на напишаното објави и видео од големиот митинг на ВМРО ДПМНЕ пред централните избори во 2016 година.

Груевски денеска беше осуден на две години затвор за кривично дело „Примање награда за противзаконско влијание“. Тој не дојде во судницата да ја слушне пресудата, иако утрово во 9.30 часот тој беше во судот на рочиштето за предметот „Траекторија“ кој се однесува на изградбата на автопатите Демир Капија- Смоквица и Миладиновци – Штип. При влезот во Кривичниот суд тој се поздрави со семејствата на жртвите во „Монструм“ за кој рочиштето беше закажано во исто време. Извори од одбраната на Груевски велат дека тој не дошол на изрекувањето на пресудата затоа што „не сакал да ги потпалува тензиите надвор“ каде што се одржуваше протест на неговите поддржувачи.

Околу 40 граѓани протестираа денеска пред Судот во Скопје. Демонстрантите пред Судот извикуваа „Уа СЈО“ и „Слобода за Груевски“. Меѓу пристните беа и поранешниот градоначалник на Скопје Коце Трајановски и на Аердром Ивица Конески, како и Александар Пандов член на ВМРО ДПМНЕ. Но по изрекувањето на пресудата тие не беа пред Судот. За време на протестот на познатиот и верен поддржувач на Груевски и Мијалков, бате Геле му се слоши, за кратко време беше освестен но сепак мораше да интервенира и Брзата помош која го пренесе во болница.