Претседателот Ѓорге Иванов, од денеска – 18 септември 2016 година до 23 септември ќе престојува во работна посета на САД, по повод учеството на 71. сесија на Генералното собрание на Обединетите Нации во Њујорк, соопштија од неговиот кабинет.
Иванов ќе има обраќање на генералната дебата на 71. сесија на Генералното собрание на Обединетите Нации на тема: „Одржливи развојни цели: универзален притисок за трансформирање на нашиот свет“.
Тој ќе се обрати на пленарната сесија на состанокот на високо ниво на Генералното собрание на Обединетите нации, посветена на големите движења на бегалци и мигранти.
Предвидено е Иванов да оствари средба со Генералниот секретар на ОН, Бан Ки-мун, како и повеќе други билатерални средби со шефови на држави и влади, учесници на Генералното собрание.
Во официјалната делегација ќе учествува и министерот за надворешни работи, Никола Попоски.




