Предлог – законот за изменување и дополнување на Законот за заштита на потрошувачите при договори за потрошувачки кредити со кои се ограничува годишната стапка на вкупни трошоци на потрошувачките кредити денеска доби поддршка во прво читање од Собранието на Република Македонија.
Како што образложи министерот за финансии Драган Тевдовски, со ограничувањето корисниците на кредит нема да плаќаат прекумерни трошоци на кредитите и ќе се минимизира ризикот од понатамошно влошување на состојбата на кредитокорисниците кои имаат проблеми со отплата на кредитот. Законот ќе важи и за кредитите во износ помал од 200 евра во денарска противвредност, како и за кредитите за кои потрошувачот депонира предмет кај кредиторот.
– Сега трошоците кои кредиторите ги пресметуваат и наплаќаат на одобрените потрошувачки кредити како провизии, надоместоци и слично, не се ограничени, што има дава можност да пресметуваат високи надоместоци и провизии при одобрување на потрошувачките кредити. Ваквата состојба е особено изразена кај договорите за мали кредити, односно т.н брзи кредити. На тој начин голем број од граѓаните имаат потешкотии при отплата на кредитот и најчесто се принудени да земат нов кредит за покривање на претходниот, рече Тевдовски.
Пратеникот од ГРОМ Панчо Минов најави дека ќе иницира законот, покрај за потрошувачките, да се однесува и за станбените и деловните кредити за кои банките бараат обезбедување, а неговиот колега од Партијата за целосна еманципација на Ромите, Самка Ибраимовски најави амандмани во последната фаза од носење на законското решение.
– Сметам дека оваа иницијатива ќе биде прифатена од Министерството и ќе биде основа да се размислува пошироко за ова прашање кое е регулирано во сите европски држави, односно максималната висина на сите трошоци, како камати, провизии и други надоместоци, да важат за сите кредити, рече Минов.

