Дополнителниот заменик-министер за информатичко општество Александар Кирацоски на денешната прес-конференција го најави проектот „Пријави притисок за фер избори“.
– Од денес, заедно со мојот тим на терен ја продолжуваме мисијата за мотивирање на вработените во Јавниот сектор, да ги пријавуваат сите неправилности и нерегуларности, закани и уцени, под слоганот „ПРИЈАВИ ПРИТИСОК ЗА ФЕР ИЗБОРИ“!
Целта е охрабрување на вработените да не подлегнуваат под никакви закани, уцени и притисоци. Има кој да се заложи за нив, има кој да ги заштити. Истовремено целта е и да се обесхрабрат сите функционери од ВМРО-ДПМНЕ да вршат притисок врз вработените, рече Кирацовски.
Тој најави дека од денеска ќе почне со посети на институциите за кои постојат претставки испратени до веб-страната отворена за пријавување притисоци.
– Ќе им порачам на шефовите и раководителите поставени како кадри на ВМРО-ДПМНЕ, кои Груевски и фамилијата ќе се обидат да ги користат за нивни лични цели, да внимаваат и да не дозволат да станат инструмент во рацете на криминалната власт!
Законот е јасен и казните за вакво дело се строги.
Секој кој ќе се дрзне да врши притисок и заплашување на гласачите ќе одговара со казна затвор од најмалку три години, а доколку тоа го направи службено лице прети казна затвор од најмалку пет години, рече Кирацовски.




