Најголем отпор во соработката за предистражната постапка за прислушувањето која ја води Специјалното јавно обвинителство доаѓа од Македонски Телеком, дознава НОВАТВ. ВИП и ОНЕ соработувале, но од Телеком одбивале да бидат дел од истрагата на СЈО. Со оваа компанија обвинителството на Јанева засега нема никаква соработка, иако таа е неопходна бидејќи прислушувањето во најголем обем се врши преку следење на разговорите на мобилните телефони.

Главен оперативен директор на Македонски Телеком е Жарко Луковски. Тој е еден од аболираните од страна на Претседателот Ѓорѓе Иванов за кривичните дела „Повреда на слободата на определување на избирачите“ и „Повреда на тајноста на гласањето“.

Во биографијата на Луковски пишува дека тој својата кариера ја почнал во Македонски Телеком во ноември 2006 година кога станува Претседател на Одбор на директори на Македонски Телеком. Во 2007 година доаѓа на позицијата Главен оперативен директор, а 3 години подоцна тој стана Главен извршен директор на Т-Мобиле Македонија. Од јули минатата година е Главен оперативен директор на Македонски Телеком.

„Под раководство на г-дин Луковски, Т-Мобиле Македонија се разви во технолошки супериорна компанија во својот домен“, пишува во официјалната биографија на Луковски на интернет страната на Телеком.

Шемата на Мијалков, Луковски и Стајковиќ 

Жарко Луковски е близок пријател на поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, кој му е и венчален кум. Луковски исто така е сопственик на фирмата „Мобико“, каде директор е Владислав Стајковиќ, газда на НВСП, компанија којашто се занимава со различни дејности – од консултантски и адвокатски услуги, обезбедување на резиденции, дистрибуција на мобилни телефони, дозвола за промет со оружје и со муниција, медиуми и друго.

download
Кумот Сашо Мијалков и младенците на свадбата на Жарко Луковски

Според евиденцијата на Централниот регистер на Македонија, компанијата НВСП е сопственик на Радиото Слободна Македонија која има седиште на иста адреса со неделникот и портал „Република“, чијшто газда е фирмата „Ирезине Лимитед“ од државата Белизе. Фирмата НВСП ја поседува и телевизијата К3 (поранешен „Златен канал“) од Куманово.

Владислав Стајковиќ е изборот на владата за член на надзорниот одбор на Државаната видео лотарија, компанија во којашто владата директно се заортачи со офшор компании од разни краеви на светот. Стајковиќ или во бомбите на СДСМ нарекуван „Влатко“ е личноста со која судијката од Управниот суд, Светлана Костовска договара што да стои како основ за да легнат парите од договорените провизии утврдени во разговорите со директорот на УБК Сашо Мијалков, како што тврди лидерот на СДСМ Зоран Заев. Во транскриптите коишто опозицијата ги доставува до медиумите, „Влатко“ е напишан како Влатко Стајковиќ, а во еден од телефонските снимки помеѓу Костовска и израелскиот посредник, таа ја споменува фирмата НВСП како фирма на којашто сметка би требало да легнат средствата, а со Влатко се договара со каква назнака би легнале истите.