Есенскиот дожд кој пред два дена ја зафати земјата, направи мало езеро од фекалии во сред центар на Скопје.

Поплавеното градилиште во близина на зградата на МНР, предизвика хаос во сообраќајот откако јавното претпријатие „Водовод и канализација“ ги блокираше мостот „Слобода“ и улицата „Филип Втори“ за да може да ја испумпа насобраната вода.

Поплавата се заканува да направи свлечиште на земјиштето кое може да ги загрози зградите во околината.

Од Општина Центар соопштија дека ја запреле градбата откако овластен градежен инспектор излегол на терен за да утврди што се случува и кои се причините за големото количество вода кое се излева во ископ на градба.

Инспекторот констатирал дека на местото нема табла со назнака за видот на градба, како и за тоа кој е инвеститор и изведувач.

Истовремено, јавното претпријатие „Водовод и канализација“ најави тужба за изведувачот на зградата спроти МНР, како и барање за оштета за направена штета. Оттаму велат дека ископот за зградата се наполнил со фекалии бидејќи компанијата која гради направила несоодветно поместување на фекалниот колектор.

Според општина Центар, се работи за изградба на деловен објект, чиј инвеститор е фирмата „Волис Проперт“, изведувач е “Рапид Билд“, додека надзор врши фирмата „Поинт Дизајн“.

НОВА ја провери фирмата „Рапид Билд“ за која Општина Центар соопшти дека го гради објектот. Според податоците од Централниот регистар, сопственици на оваа градежна компанија се двете фирми „Квалитет Пром ДООЕЛ“ и „ДЕТОИЛ ДОО Куманово“.

Сопственик на фирмата „Квалитет Пром ДООЕЛ“ е Тони Каранфиловски, додека другата фирма исто така ја поседува тој, заедно со Грозде Каранфилоски и Дејан Каранфиловски од Куманово.

Кој е Тони Каранфиловски?

Името на Тони Каранфиловски повеќе пати се појавува во истражувачките стории на кои има работено редакцијата на НОВА. Токму „Рапид Билд“, која сега според општина Центар е изведувач на зградата во поплавеното земјиште кај МНР, е една од двете фирми на кумановскиот бизнисмен Тони Каранфиловски, за кои НОВА пишуваше дека ќе бидат вклучени  во милионскиот бизнис со изградба на гасоводната делница. Втората фирма е „ФЗЦ 11 Октомври“. Во овие две фирми како сопственик се јавува компанијата „Квалитет пром“, која е семејна компанија на Каранфиловски.

Некои од истражувачките стории оваа купопродажба ја третираа како контроверзна бидејќи влезот на Каранфиловски се случува речиси паралелно со најавата дека оваа фабрика ќе биде вклучена во бизнисот со гасоводната делница.

Бизнисменот Каранфиловски исто така беше актуелен во јавноста, откако неговите фирми се појавија како дел од групата купувачи на атрактивно земјиште во Охрид, веднаш под црквата „Канео“, заедно со уште две контроверзни компании блиски до луѓе од власта за кои НОВА пишуваше лани.

Нападнати новинарски екипи

Денеска кај градилиштето до зградата на МНТ, новинарските екипи на А1он и ТВ 21 биле туркани, навредувани и им се заканувале додека се обидувале да го снимат езерото од фекалии кое настана по вчерашниот пороен дожд.

Како што објавија овие два медиуми, екипите биле нападнати од лице кое не се легитимирало, притоа заканувајќи се дека ќе ги искрши и камерите.

Тој прво се обидел да ја бутне камерата на ТВ 21, потоа и снимателот на А1он. Потоа излегол и ги фотографирал двете екипи кои стоеле пред МНР, односно спроти земјиштето кое беше причина да се блокира целиот сообраќај.

За цело време додека траела оваа мешаница, како што објавија А1 он и ТВ 21 полицијата стоела на само десетина метри од местото и не интервенирала. Лицето чиј идентитет засега не е познат тврдело дека се работи за приватно земјиште.