Десет од вкупно 25 пациенти биле упатени на операција на срце без потреба или без потреба биле упатени „под нож“, утврди Комисијата на Министерството за здравство и не ги кажа болниците во кои што се изведени ваквите непотребни операции.
Откако кардиологот, професор доктор Сашко Кедев во август годинава во гостување во емисијата „Стадион“ на „Канал 77“ изјави дека во Македонија во приватното здравство некои пациенти се оперирани на срце без потреба и без медицинска индикација само поради профит, министерот за здравство Азир Алиу формираше домашна комисија да ги испита ваквите наводи.
Но, комисијата не ги испитуваше само приватните болници за кои Кедев зборуваше дека оперираат срца за профит и без медицинска индикација, туку го прошири својот интерес на сите болници каде се вршат вакви операции (значи и од државното здравство) а во комисијата влегоа и доктори од приватните болници.
Комисијата денеска не откри во кои болници се извршени овие 10 операции без потреба. Не открија ниту дали операциите биле животозагрозувачки, дали пациентите после нив имале сериозни компликации, ниту колку чинеле операциите за државниот буџет.
На прес-конференција во владата нејзините претставници напоменаа дека допрва тројца странски експерти ќе ги разгледуваат случаите, па ќе биде донесен финален извештај.
Од досега пријавените случаи заклучивме дека за поголем дел од нив имаме неправилно упатени и неправилно оперирани пациенти. Понатаму комисијата ќе продолжи да работи со утврдената методологија и ќе излезе со конечен извештај, изјави кардилогот доктор Ненси Лозанче, членка на комисијата.
Министерот за здравство Азир Алиу рече дека извештајот е прелиминарен, а втората фаза е средба со тројца странски експерти. Финалниот извештај од сите доктори заедно, според Алиу ќе биде патоказ за дефинирање политики во здравствениот систем.
Претседавачот на Комисијата, доктор Жарко Христовски истакна дека ова е првичен извештај. Поединечните случаи нема да ѝ се презентираат на јавноста.
Кога ќе стигнеме до дефинитивна оценка за секој поединечен случај, нема да може да го презентираме поради етиката и природата на информацијата, ама ќе биде доставено сè до Јавното обвинителство или до Министерството за здравство, рече тој.
Интерната комисија работеше откако во Фондот за здравство беа доставени 25 пријави од болници и од физички лица за кардиолошки и кардиохируршки интервенции. Пациентите биле упатувани да бидат оперирани за коронарна и периферна васкуларна болест во сите јавни и приватни здравствени установи во Македонија. Од 25-те случаи, комисијата анализирала 19, а 6 препратила до Државниот здравствен и санитарен инспекторат за инспекцијата да постапува по овие шест предмети.

