Премиерот Христијан Мицкоски, од демохристијанската ДПМНЕ, уште еднаш, по којзнае кој пат, реши дрско да ја излаже македонската јавност и тоа од собраниската говорница. Иако на парламентарната седница посветена на опозициски пратенички прашања, во месец април 2026 година, тој во одговор на пратеничко прашање поставено од претседателот на Левица проф. д-р Димитар Апасиев, одговори дека „не стои“ зад идното вработување на претседателот на Уставниот суд – Дарко Костадиновски на второрангираниот македонски државен универзитет, фактите за брзо време го демантираа.
Според потврдени информации со кои располага Левица, после неуспешниот обид за вдомување на актуелниот уставен судија Дарко Костадиновски на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, сега тој е цврсто решен – со владини притисоци и министерска вмровска логистика – да се вдоми како универзитетски професор на Правниот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Ова се прави во брзање, со цел да се искористи стариот Закон за високо образование, кој нуди полабави услови за стекнување на насловни звања.
Впрочем, Универзитетскиот сенат на УГД – на својата 258 седница, одржана на 27 мај 2026 – донел контроверзна Одлука за изменување и дополнување на Правилникот за посебните услови и постапката за избор во наставно-научни, наставно-стручни, научни, наставни и соработнички звања (кој првично датира од 2018 год.), а со која наменски и тенденциозно се менува членот 19, став 2 од Правилникот!
Па така, наместо како досега, Одлуката за покренување постапка за избор во звање да ја носи Наставно-научниот совет, врз основа на претходно утврдена реална потреба и поднесено барање од раководителот на соодветната катедра, сега вакво барање ќе може да поднесе Деканот на факултетот, односно самиот РЕКТОР на Универзитетот!? Ова персонално „штимање“ се прави со проѕирна и перфидна цел, да се заобиколи досегашното оправдано противење на Катедрата за меѓународно право да распише наместен конкурс (кој му е ветен на Костадиновски од одредени структури на власта) – затоа што таа веќе располага со доволен број професори и асистенти и нема апсолутно никаква потреба од нов кадар на катедрата!
Да биде скандалот уште поголем, за овој омилен вмровски судија нема ни обезбедено соодветен број наставни часови, па се поставува прашањето на кого ќе предава овој нивни пулен кога ќе му заврши деветгодишпниот мандат, во јануари 2027 година? Дополнително, неговиот докторат од УКИМ е во сферата на меѓународно право и меѓународни односи, а тој стриктно се намерачил да предава „Уставно право“, иако ги нема потребните академски квалификации, ниту пак има било какво претходно асистентско искуство!?
Со ваквиот скандалозен притисок и обид за вдомување на овој вмровски кадар на штипскиот Правен факултет – кое се случува набрзо после вдомувањето на вмровската новинарка Искра Коровешовска од провладината ТВ „Алфа“, како и после неколку претходни обиди за вмродизација на Факултетот со истрошени вмровски кадри – се руши довербата на идните студенти во самиот високообразовен процес. Затоа, Левица апелира до раководството на УГД да остане совесно, чесно и достоинствено и да не подлегнува под никакви притисоци, со единствена цел да ја одбрани универзитетската автономија, непримајќи го овој компромитиран кадар во своите редови.




