bosovski

-Пред 10 минути, Љубе Бошковски го напушти затворот Идризово,го зедоа роднините, изјави за НОВА директорот на КПД Идризово Живко Пејковски.

Бошковски од затворот го земал негов роднина и според информациите на НОВА тој веднаш се упатил кон родното село Челопек.

Инаку претходно од неговата партија Обединети за Македонија испратија соопштение со кое најавија целоноќно бдеење во недела кон понеделник пред Идризово во очекување на ослободувањето на Бошковски, бидејќи формално 6. јуни е датумот кога истекува петгодишната казна затвор.

Дури и тие беа затечени од информацијата дека Бошковски е ослободен денеска.

Бошковски беше осуден со казна затвор од 5 години за случајот Кампања, со обвинение дека незаконски ја финансирал изборната кампања и во три наврати од загрозениот сведок зел 130 илјади евра за незаконско финансирање на кампањата.

Казната затвор формално му истекува на 6. јуни, а Бошковски согласно доброто поведение имаше можност да биде ослободен и до 90 дена порано.

Спектакуларното апсење на Бошковски за овој случај пред рестoранот Воденица во Сkопје стана предмет на истрага на Специјалното обвинителство, насловен „Тортура“, за што отворена е предистражна постапка против екс-директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање Сашо Мијалков и уште шест припадници на специјалната единица „Алфa“, за кои СЈО тврди дека  беспоговорно и со сервилна покорност кон шефот Мијалков, извршиле понижување и мачење врз Љубе Бошковски во текот на неговото апсење. За шестмина од нив се уште е активна аболицијата од Иванов.