Македонија е рангирана меѓу последните земји на најновата листа на меѓународното тестирање ПИСА за постигнувањата на ученици на 15-годишна возраст по јазична писменост, математика и природни науки, за минатата година.

Резултатите се објавени денеска, а полошо од Македонија се рангирани само Косово, Алжир и Доминиканската Република.

Најдобри резултати имаат учениците од Сингапур, Јапонија и Естонија.

Според најновата анализа, постигнувањата на учениците по математика се намалиле од 381 во 2000 година на 371 во 2015 година, додека по природни науки од 401 во 2000-та на 384 во 2015 година.

Инаку, Македонија по втор пат учествува во ПИСА. Првиот пат беше во 2000 година, кога исто така постигнувањата на учениците беа меѓу најслабите.

Меѓународното тестирање ПИСА е една од најчесто користените алатки во светски рамки за мерење и оценување на практично применливото знаење на учениците во образовниот систем во матичната земја. Оценувањето се спроведува во повеќе од 60 држави од целиот свет и го реализира Организацијата за економска соработка и развој – ОЕЦД на секои пет години. Знаењето и способностите на учениците се мерат во три подрачја и тоа способеност за читање со разбирање и критички пристап во читањето на пишаните материјали, математичка писменост и писменост во природните науки. Мицковска Ралева потенцира дека резултатите од ПИСА тестирањето треба сериозно да се анализираат од страна на креаторите на политиките.