Утринава започна неформалната средба на шефовите на дипломатиите на ЕУ на Малта. Влегувајќи на средбата шефицата на ЕУ дипломатијата Федерика Могерини, која и вчера реагираше на настаните во Собранието, изјави дека насилството ја загрижува ЕУ и ја прави тажна и очекува дека министрите денес ќе повикаат на смирување за да може земјата да ја надмине “сериозна криза која може да биде опасна”.

Утринава реакција стаса и од Грција во која се вели дека овој наш јужен сосед со тага и вознемиреност гледа дека Македонија се лизга во длабока политичка криза.

“Криза која бара сите вклучени страни да покажат почит за принципите на демократијата, законитоста и владеењето на правото за да биде надмината.

Почит, како што баравме со години, за културата на компромис и консензус. Во отсуство на овие принципи, се создаваат ќор-сокаци и експлозивни ситуации”, се вели во соопштението.

“Грција, која долго го поддржува принципот на немешање во внатрешните работи на соседните земји, е подготвена, кога и да се побара од неа, да придонесе за дезескалација на кризата врз основа на принципите на меѓународното право и почитувањето на независноста, територијалниот интегритет и суверенитот” на Македонија.