Денеска во Струмица ќе се одржи заедничка седница меѓу владите на Република Македонија и Република Бугарија.

Од македонската Влада информираат дека на првата заедничка седница со Владата на Бугарија ќе започнат со работа на конкретни проекти, дека двата кабинета ќе ги рагледуваат можностите за активирање на односите меѓу министерствата за надворешни работи, интеракција и меѓусебна помош при катастрофи, поддршка во обука и подготовка на војниците од вооружените сили на Македонија, соработка во областа на телекомуникациите, инвестициите и енергетиката.

Билатералните документи ќе бидат потпишани врз основа на постигнатите спогодби и врз основа на Договорот за пријателство, соработка и добрососедство, наведуваат од Владата, кој беше потпишан на први август, кога беше договорено и одржувањето на оваа седница.

Напредокот во добрососедските односи меѓу Бугарија и Република Македонија ќе биде одбележан со усвојување на заедничка декларација.

За следниот период најави заедничка седница со владата на Република Албанија, како и со владата на Република Србија кон крајот на февруари следната година.

Според експертите, заедничките седници на македонската влада со владите на соседните држави отвораат можности за разгледување и решавање на одредени отворени прашања. Ваквите иницијативи се поздравени од меѓународната заедница која инсистира да бидат решени меѓусебните проблеми.