Утре истекува седумгодишниот мандат на гувернерот на Народната Банка, Димитар Богов, а се уште не се знае дали дневниот ред на собраниската седница ќе биде дополнет со избор на нов гувернер и дали предлогот на претседателот Ѓорге Иванов, Анита Ангеловска Бежоска да го замени Богов, ќе се најде пред пратениците.
Предлогот на Иванов, откако Богов ја откажа втората номинација за гувернер е прифатлив за СДСМ, а најверојатно и за ДУИ. Но во пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, според информациите, владее резервираност околу новиот предлог на Иванов, најмногу заради постапката за нејзино номинирање за гувернер.
За утре се очекува претседателот на Собранието, Талат Џафери да има координација со политичките партии по што ќе се знаат ставовите и официјално. Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ остануваат на ставот дека нема да присуствуваат на координациите кои ги води Талат Џафери.
За избор на гувернер на НБРМ се потребни минимум 61 глас.

