Американскиот секретар за одбрана Џејмс Матис изутрината пристигна на Меѓународниот аеродром Скопје.

По пречекот на аеродромот Матис заминува во Владата на средби со премиерот Зоран Заев и со министерката за одбрана Радмила Шекеринска, а потоа е предвидено заедничка изјава за медиумите.

Која е целта на посетата

Посетите на Македонија што во изминатиот период ги прават важни политички личности од НАТО и ЕУ, според министерката за одбрана Радмила Шекеринска, е уште една потврда дека државата е насочена кон вистинскиот правец, поради што ја добива таквата поддршка.

Фото: Politico

– В понеделник во посета ни доаѓа првиот човек на Пентагон, првиот човек на најмоќната армија во светот Џејмс Матис, што се случува првпат во последните 14 години. Заборавивме како изгледа посета на министер или секретар за одбрана на САД, иако оваа држава е наш стратешки политички и воен партнер. Тоа покажува колку е голем интересот за нас и поддршката за она што ние го сработивме во последната година, изјави вчера Шекеринска во Кочани.

– Ќе одам да ги посетам нашите македонски пријатели и да им ставам до знаење дека Вашингтон го поддржува македонскиот народ, стои во неговата изјава и се додава загриженоста дека Русија би можела да се обиде да се вмеша во референдумскиот процес, изјави спроти посетата Матис.

„Во Скопје, американскиот секретар за одбрана Џејмс Матис ќе ги повика македонските граѓани да гласаат на референдумот и, исто така, ќе ги истакне петте милиони долари што ги обезбедува САД годишно за безбедносна поддршка“, изјави портпаролот на Пентагон Ерик Пеон.

-Русија се обидува да ги убеди Македонците дека Западот ќе ги напушти, дека Русија е стабилното влијание во регионот. Тоа едноставно не е вистина. Промената на името и влегувањето на земјата во Алијансата ќе го намали влијанието на Москва. Зачленувањето на Македонија во НАТО е еден од најлошите кошмари на Русија, изјави Пеон за „Њујорк Тајмс“.

Дојче Веле објави исто така дека посетата на Матис е поврзана со неговата загриженост за Русија би можела да се обиде да се вмеша во исходот на референдумот, од чиј успех зависи членството на Македонија во НАТО.

Матис е највисокиот државен претставник на САД кој ќе дојде во Скопје во пресрет на референдумот.