Промените во правилникот за конкурсот на самостојни уметници ги протна менаџерите за продукција со што кретивните носители на филмското дело се поистоветува со технички реализатор кој работи на филм и кој нема изразен уметнички или авторски влог во реализација на филмовите.

Според ова, промената би требала да важи за сите, односно шарферите, мајсторите на сцена, реквизитерите и декоратерите, гардероберите, мајсторите на светло и тон, шминкерите, фризерите, и сите останати филмски работници да добијат третман на уметници. 

Пишува АНА ВАСИЛЕВСКА

По објавата на веб-страницата за конкурсот на Министерството за култура, каде што е  воочлив изменетиот Правилник за условите, критериумите и постапката за доделување месечни надоместоци од средствата од буџетот на државата за придонесите за здравствено, пензиско и инвалидско осигурување и за данокот на личен доход на самостојните уметници, реакции стигнуваат од филмските работници.

Тие се согласни дека промената на трите члена во овој правилник, укажува на селективна поддршка кон филмските работници. Нејасно е велат тие, како е  додадена професијата директор на продукција како професија која може да се поддржи како самостојни уметници а практично не е во категоријата автори-уметници и ги исклучува останатите филмски работници како шарферите, мајсторите на сцена, реквизитерите и декоратерите, гардероберите, мајсторите на светло и тон, шминкерите, фризерите, и сите останати филмски работници кои не се автори.

Марина Колоска, дипломирана филмска и тв снимателка, која со децении е дел од филмските екипи, вели дека како и многу нејзини колеги кои се чинители на едно филмско дело, пред државата нема никаков статус.

Марина Колоска
Марина Колоска

„Сакам јавно да поставам прашање до Министерството за култура, Министерството за труд и социјала и Владата на РСМ, кога и како планираат да го решат социјалниот статус на филмските работници подеднакво? Тонци, Маскери, Први асистенти на режија, Втори асистенти на режија, Први асистенти на камера, Втори асистенти на камера, Секретарки на режија, Кастинг директори, Гафери, Осветлители, Сценци, Реквизитери, Гардеробери, Сет дресери…сите кои се чинители во процесот на создавање на уметничкото дело-филм, конечно да бидат згрижени од државата, после неколку децении без право на здравствена заштита и без еден ден стаж. Можете ли да го замислите тој процес без овие луѓе? Зарем тим од врвни професионалци кој брои не повеќе од 150-200 луѓе ви се проблем?
Ги молам надлежните министерства и Владата на РСМ да не изостават никого, да не бидат за едни мајка а за други маќеа.“, вели Колоска, прва асистентка на камера-шарферка.

Филмските работинци од една страна ја поздравуваат одлуката менаџерите на продукција да добијат можност да конкурираат за самостојни уметници, но не се согласуваат со селективната одлука.

Кирјана А. Николоска
Киријана А. Николоска

Киријана А. Николоска , кастинг директорка вели дека е потребно посеопфатно, посистематско и поструктурно ревидирање на Правилникот за што се залага и Друштвото на филмски работници.

„За мене промените во конкурсот за самостојни уметници се позитивен чекор од страна на Министерството за култура и јас не сум против вклучувањето на директорите на продукција во конкурсот за самостојни уметници. Овие наши колеги и досега имаа право и добиваа надоместоци за покривање на трошоците за пензиско и здравствено осигурување и персонален данок. Мојата реакција не е против овие промени туку напротив, за едно посеопфатно, посистематско и поструктурно ревидирање на Правилникот за што се залага и Друштвото на филмски работници. Според правилникот, самостојни уметници на сценско-уметнички, филмски и други аудиовизуелни дела можат да бидат: костимограф, сценограф, актер, режисер, директор на фотографија, главен снимател, монтажер, главен цртач на анимиран филм и писател на драмски текстови, сценарист на филм и директор на филм. Тоа што мене ми е нејасно и контрадикторно е како е формирана оваа листа.“, вели Николоска.

Горан Игњатовски, дизајнер на филмска маска, професија која има голем креативен влог во процесот на филмување, исто така реагира на селективните измени на правилникот.

„Дизајнот на филмска маска воопшто не постои како категорија и поради тоа луѓето што се занимаваат со оваа професија не можат да се пријават на конкурсот на Министерството за култура. За да можам да конкурирам морав да отворам фирма како трговец поединец, што секоја година ми носи трошоци од неколку илјади евра. Минатата година бев одбиен со образложение дека во конкурсот не постои категорија дизајнер на филмска маска, по што поднесов жалба дека како и костимите, така и филмската маска е од огромно значење за формирање на филмските карактери и дека неретко филмската маска е всушност и носител на темата на филмот. Но, и на таа жалба добив одговор дека таква категорија не постои и дека сум одбен по таа основа. “, вели Игњатовски.

Зошто со измената на правилникот им се даваат привилегии на едните, а не на другите?

Имено, во новиот правилник се извршени промени во три члена, а посебно изненадува промената во членот 12, каде во воведната реченица по зборовите „директор на фотографија,“ се додаваат зборовите „директор на продукција“. Ова значи дека и менаџерите на продукција, односно директорите на филм кои спаѓаат во категоријата Филмски кредити се дополнително вметнати помеѓу филмските автори, а со тоа и можат да се пријават на конкурсот за стекнување статус на Самостојни уметници.

На овој начин работата на авторите како режисерите, директорите на фотографија и сценаристите, кретивните носители на филмското дело се поистоветува со технички реализатор кој работи на филм и кој нема изразен уметнички или авторски влог во реализација на филмовите. Се поставува прашањето зошто со измената на правилникот им се даваат привилегии на едните, а не на другите?

Од снимањето на филмот „Мими“ во режија на Дарјан Пејовски
Од снимањето на филмот „Мими“ во режија на Дарјан Пејовски

Несфатлива е и промената во правилникот, во членот 15 во алинеја 1, каде се бришат зборовите „дневна драма (сапуница), ситуациска комедија“, што значи дека и овие дела можат да се земат предвид како уметнички остварувања. Тоа значи дека и авторите кои учествуваат во создавањето на овој жанр телевизиски серии, можат да конкурираат за самостојни уметници, што во најмала рака е контроверзно. Ваквиот тип на содржини досега не беа третирани како уметнички дела и тоа досега важеше само за авторските филмови финансирани од Агенцијата за филм. И во овој случај се поставува прашањето зошто е извршена промената и за кого всушност се направени измените во конкурсот за самостојни уметници?

На прашањата: На што се должи измената на Правилникот за условите, критериумите и постапката за доделување месечни надоместоци од средствата на буџетот на државата за придонесите за здравствено пензиско и инвалидско осигурување и за данокот на личен доход на самостојните уметници, кој е донесен на 30.11.2022, само еден ден пред објавувањето на  конкурсот (01.12.2022)?; Во новиот Правилник се извршени промени во три члена, а посебно изненадува промената во членот 12, каде во воведната реченица по зборовите „директор на фотографија“, се додаваат зборовите „директор на продукција“. Ова значи дека и менаџерите на продукција, односно директорите на филм кои спаѓаат во категоријата Филмски кредити се дополнително вметнати помеѓу филмските автори, а со тоа можат да се пријават на конкурсот за стекнување статус на Самостојни уметници. Зошто со измената на Правилникот им се даваат привилегии на едните, а не на другите? , од Министерството за култура одговараат:

„Во Правилникот за условите, критериумите и постапката за доделување на месечни надоместоци од средствата на Буџетот на РСМ за придонесите за здравствено, пензиско и инвалидско осигурување и за данокот на личен доход на самостојните уметници, се прецизирани критериумите, условите и категориите на самостојните уметници. Со оглед на тоа што директорите на продукција долги години беа категоризирани во Правилникот за самостојни уметници, и во 2001 година се јави проблем со нивнити надоместување на средствата за здравствено, пензиско и инвалидско осигурување, и за данокот на личен доход, Министерството за култура оцени дека оваа група професионалци е потребно како до 2001 година да продолжи да биде дел од категориите самостојни уметници, како дел од системот на продукција на филмско дело“, појаснуваат од Министерство за култура.

ДФРМ се залага за системско а не паушално решение 

Од Друштвото на филмски работници, како велат дека се залагаат за системско, а не паушално решавање на статусот на филмските работници, запазувајќи го принципот на праведност, еднаквост и солидарност.

Публикација во издание на ДФРМ
Публикација во издание на ДФРМ

„Друштвото на филмските работници на Македонија се залага за решавање на статусот на сите филмски работници без исклучок. Дел од нас, оние чија професија е од авторска природа, а според законот спаѓаат во „уметници“, бидејќи се занимаваат со уметничко творештво го оставруваат тоа право преку годишниот конкурс на Министерството за култура за стекнување статус „Самостоен уметник“. Тука спаѓаат филмските режисери, сценаристите, сценографите, директорите на фотографија, костимографите, монтажерите и авторите на филмска  музика. Не е јасно од која причина годинешниот конкурс за Самостојни уметници ги вклучува и Директорите на филм, односно менаџерите на продукција. Овие наши колеги несомнено учествуваат во производството на филм, но нивната работа не може да биде поврзана со  уметничко творештво. Се поставува прашањето, зошто токму Менаџерите на продукција би се стекнале со ваков статус, а не и менаџерите на локации на пример, или пак мајсторите на светло, шарферите, снимателите на звук или реквизитерите, за чии придонес може да се каже дека е многу повеќе уметнички, отколку придонесот на менаџерите на продукција. Наспроти ова, авторите на филмската маска кои по сите карактеристики на својата работа и придонес се несомнено уметници, за жал сеуште не спаѓаат во категоријата Самостоен уметник. Друштвото на филмски работници се залага за системско, а не паушално решавање на статусот на филмските работници, запазувајќи го принципот на праведност, еднаквост и солидарност. Исто така, поместувањето на одредена „неуметничка“ категорија во редот на уметниците е тешко да се разбере и прифати. Ако Менаџерот на продукција е уметник, тогаш зошто не би бил уметник и организаторот на концерти, галеристот, импресариото или кураторот? Точно е дека извесен период во минатото менаџерите на продукција уживаа статус на Самостојни уметници, пракса која колку што ми е познато била воведена за да се згрижи еден, сега веќе починат наш колега филмски работник кому му беше потребна здравствена нега и осигурување. Но, овој преседан создал системска грешка и наместо на ваков начин, потребно е темелно и правично решавање на проблемот на статусот на сите наши колеги“, вели Игор Иванов Изи, претседател на ДФРМ.

Измените во правилникот во однос на условите, критериумите и постапката за доделување месечни надоместоци од средствата од буџетот на државата на самостојните уметници не се во согласност ниту со актуелниот Закон за авторско право и сродните права. Во членот 89 од Законот е наведено дека Автори на аудиовизуелно дело се: писателот на сценариото, главниот режисер и главниот снимател. Во случај кога анимацијата од кој било вид е суштински елемент на делото, за автор се смета и главниот цртач, а во случај кога музиката е суштински елемент на делото, за автор се смета и авторот на музиката посебно создадена за користење во аудиовизуелно дело. Во член 90 стои дека Цртачот, односно авторот на музиката, кога не се смета за автор на аудиовизуелното дело според членот 89 од овој закон, како и сценографот, костимографот, монтажерот и авторот на маски, имаат авторско право само врз своите придонеси кон аудиовизуелното дело.

Од овие членови во Законот може да се заклучи дека менаџерите на продукција, односно директорите на филм не спаѓаат во групата автори на аудиовизуелно дело и според тоа не можат ни да се третираат како уметници, поради што уште повеќе изненадува изменетиот правилник на Конкурсот на Министерство за култура, според кој тие може да конкурираат за стекнување на статус „Самостоен уметник“.