Медијаторот на Обединетите нации (ОН) за името, македонскиот дипломат Васко Наумовски и грчкиот дипломат Адемантиос Василакис денес се среќаваат во Брисел по долга пауза во разговорите за името. Подобрена политичка клима меѓу Македонија и Грција ја овозможи оваа средба која е дел од напорите на ОН да им се помогне на двете страни за наоѓање прифатливо решение за спорот со името, соопшти канцеларијата на Нимиц.

Утринава ќе биде одржан заеднички состанок на двете страни со медијаторот а околу 12 часот е најавена изјава на Нимиц.

Засега нема официјални навестувања дали Нимиц ќе излезе со нови идеи, сугестии или предлог, иако грчките медиуми не ја исклучуваат таа можност.

Вчера беше закажана вечера на Нимиц со двајцата преговарачи но таа не се одржа поради снежното невреме што го блокираше бриселскиот аеродром.

Според неофицијални информации, и преговарачите и Нимиц треба да стигнат во Брисел со воз или автомобил.

Гералд Кнаус од Европската иницијатива за стабилност во интервју за НОВА изјави дека сега е момент разговорите да покажат напредок и дека треба, за да бидат успешни, сега да се фокусираат на наоѓање заеднички прифатливо решение за името во географска одредница за меѓународна употреба. Со ова може да се одблокира евро-атлантската интергација на Македонија во 2018 година, вели Кнаус.

Интервјуто на Кнаус можете да го погледнете тука.