Неодамна едно потресно сведоштво на Фејсбук ја потресе македонската јавност. Тоа беше сведоштвото за нападот врз детето на Милена Милошевска Авиа, само поради тоа што има црна кожа или како што таа вели „има повеќе меланин во кожата“.

Во нашата земја, последниве години за среќа се повеќе се зборува за различностите – етнички, сексуални, културни и политички.

Но, факт е дека сите забораваме на расната различност, која е најмалку застапена во земјава, но сепак постои.

Од Министерството за внатрешни работи потврдуваат дека за случајот било пријавено кај нив.

Мајката Милена која е самохран родител и покрај тоа што го пријавила случајот во полиција, сепак признава дека не верува дека насилниците ќе бидат најдени и санкционирани.

Пред се, затоа што не станува збор само за тие конкретни двајца млади луѓе кои физички го нападнале нејзиното дете, туку затоа што стигмата која и тоа како претставува насилство, е сеприсутна, од училишните ходници, преку улиците, па и во институциите. Милена истакнува дека додека траел нападот врз нејзиното дете, ниту еден од присутните случајни минувачи не реагирал и не му пристапил за помош на Нишон.

– Нишон и неговите помали брат и сестра оделе кон музичкото училиште. Децата ги игнорирале, но момците упорно ги следеле – вели Милена.

Таа дознала дури откако децата се вратиле од училиште, затоа што не носеле мобилен телефон со нив.

Милена испраќа апел до школските психолози низ државата ова да не биде табу тема за разговор.

– Јас сум родена од мајка Македонка, а татко ми е од Того, Западна Африка. Родена сум и израсната во Македонија. Моите деца по татко имаат потекло од Нигерија. Татко им тука беше спортски ангажиран, така и се запознавме во земјава. Сите мои деца се родени тука – вели Милена.

Според неа денешните деца се многу поагресивни, отколку кога таа била дете. Таа мисли дека тоа се должи на поголемото присуство на западните филмови и спотови и општо, поголемото присуство на таа култура кај нас, во кои се зборува за криминалните банди и тепачките помеѓу нив, бидејќи афро-американското население во САД е далеку позастапено отколку тука.

Емилија Јанева од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиуми вели дека до нив досега не пристигнала ниту една претставка за расна дискриминација.

– До АВМУ постојано пристигнуваат претставки за дискриминација по етничка и полова дискриминација, меѓутоа никогаш за расна – вели Јанева.

Овој факт, повторно не води до неприсуството на расната различност во медиумите и дека македонското општество и јавноста не се доволно свесни за постоењето на расна различност во нашата земја.

Милена испраќа апел и до медиумите да имаат повеќе емисии кои ќе едуцираат на оваа тема.

Особено треба да се биде претпазлив и со термините кои се употребуваат. Бидејќи не секогаш она што Правописот на македонскиот јазик го посочува како исправно, навистина се чувствува како исправно и во реалноста.

Терминот „црнец“, Милена го посочува како непријатен. Истото го мисли и за „црномурест“, додека „нигер“ е целосно неприфатлив и особено навредлив.

– Јас преферирам да велам „луѓе кои имаат повеќе меланин во кожата“. Единствено ова ми се чини реално и исправно. Не можам да најдам само еден збор кој се чини точен – вели Милена, која сака да истакне дека луѓето се луѓе, без разлика на бојата на нивната кожа.

Нејзиниот најстар син Нишон свири тромбон, а близнаците Миа и Мевин кои, исто така, го посетуваат музичкото училиште се уште се премногу мали за да имаат избрано инструмент. Средното дете, Брајан, е атлетичар со освоени медали, а се занимава и со ракомет.

Таа апелира  до институциите, на овој случај да гледаат како на расна дискриминација и да ја сфатат посериозно.

Милена сака да остане во земјата затоа што не сака да дозволи дискриминацијата да ја избрка.

Санкционирањето на расната дискриминација кај нас е регулирано во членот 417 од Кривичниот Законик.

Во став 1 пишува дека тој што врз основа на разлика на раса, боја на кожа, националност или етничко потекло ги повредува основните човекови права и слободи признати од страна на меѓународната заедница, ќе се казни со затвор од шест месеци до пет години.