Стапката на данокот на додадена вредност нема да се менува, изјавија од Министерството за финансии за МИА по одредени информации во јавноста дека е планирано зголемување на ДДВ-то.
-Такво нешто не е предвидено во Програмата на Владата, ниту некогаш било дискутирано, велат од Финансии.
Од Министерството за финансии истакнуваат дека до крајот на годината ќе се отвори јавна дебата за евентуално воведување на прогресивна стапка за персоналниот данок на доход.
Ќе се утврдува дали и за колку би се сменил персоналниот данок на доход. Според информациите можно е и да се разгледа и висината на придонесите што се плаќаат за вработените. Од Владата потврдија дека се разгледува промена на дел од даночната политика.
-Било каква измена на даночната политика во Македонија ќе биде во прилог на граѓаните, како и во прилог на стопанството. Нема да се случи без поширока расправа да се носи одлука. За тоа и медиумите, а нормално и целата јавност без разлика дали е стопанството или граѓаните, сите навремено ќе бидат информирани, изјави вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев.

