Министерството за здравство обезбедува финансиски средства за лицата со ХИВ/СИДА во рамки на две програми – Програмата за заштита на населението од ХИВ/СИДА во Македонија (во која за 2017 година се предвидени 27 милиони денари) и Програмата за здравствена заштита на лица со болести на зависности (во која за 2017 година се предвидени 25 милиони денари само за оваа намена – набавка на лекови за Хепатит Ц), реагираат од министерството.

„Вкупниот износ на средствата за оваа намена од двете програми е 52 милиони денари, што значи дека во споредба со оваа година, финансиските средства за лицата со ХИВ/СИДА не само што не се намалуваат, туку напротив се зголемуваат! СДСМ намерно креира лажна перцепција дека се намалуваат финансиските средства за оваа категорија пациенти, а во реалноста тие се зголемуваат“, велат од министерството.

Тие реагираат по изјавата на СДСМ дека со кратењето на буџетот за ХИВ, власта прави ризик за ширење на ХИВ. Денеска и граѓанските организации и активисти протестираа против необезбедувањето доволно средства за оваа група граѓани.

„Потенцираме дека Министерството за здравство во континуитет ги обезбедува потребните лекови за лицата заболени од ХИВ, и веќе е завршена набавката на лекови и за претстојната 2017 година, што значи дека за сите пациенти е обезбедена потребната терапија, како за тековната, така и за следната година.

Набавката ја спроведе Универзитетската клиника за инфективни болести, согласно потребите на пациентите, и се очекува потребните количини на лекови за 2017 година да пристигнат до крајот на тековната година. Овие количини на лекови за следната година ќе бидат исплатени од финансиски средства од Програмата за заштита на населението од ХИВ/СИДА во Република Македонија за 2016 година. Тоа значи дека средствата од Програмата за 2017 година ќе бидат целосно наменети за превентивни активности предвидени во Програмата.

Според информации од Универзитетската клиника за инфективни болести веќе е во тек постапката за набавка и на тестови за антиретровирусна терапија за 2017 година, кои на почеток на следниот месец се очекува да бидат испорачани, со што, како и досега, се обезбедува целосна покриеност и од аспект на откривање евентуални нови пациенти и следење на терапијата кај постојните пациенти“, велат од министерството.