Наставничкиот пленум размислува за формирање трет синдикат во образованието, незадоволни од работата на СОНК.

Професорот Енвер Ајдини, еден од основачите на Наставничкиот пленум во неделното интервју на Радио Слободна Европа, вели дека се уште не е решено за тоа прашање, а одлуката ќе ја донесат членовите на Пленумот (моментално се околу 1600).

-По штрајкот организиран од СОНК во јануари 2015 година излеговме многу незадоволни од начинот на кој СОНК ги решаваше проблемите во образовниот систем кај нас. СОНК погреши што го прекина штрајкот без да не консултира нас. Излезе дека сите реформи кои беа донесени од страна на министерството синдикатот ги прифаќаше. Можеби од време на време ќе го подигнеше гласот за нешто, но пак на крај ќе се договореа и ќе останеа истите работи несменети, вели Ајдини.

Наставничкиот пленум има список со околу 80 на барања до министерството за образование со кои сака да ги подобри состојбите во образовниот систем.

Едно од барањата е покачувањето на платите, намалување на бројот на ученици во паралелките и укинување или промена на Кембриџ проектот.

– Наставниците немаат против самиот проект, но проблемот е што немаме услови за да го спроведуваме проектот реално до крај. Ние немаме ни лаборатории опремени ниту други услови за спроведување во целост на тој проект. Не може ние да се однесуваме како да сме Финска, затоа што во Финска Кембриџ проектот е успешен, но таму и условите добри. Тоа е она болното во нашата држава, се носи реформа пред да се обезбедат услови за тие реформи. Се копираат проекти кои се интересни во други држави без да се консултираат со луѓето кои се вклучени во нивното спроведување. Тоа е едно барање кое ќе го поднесеме во министерството е пред да се носат какви било реформи да се консултираат со нас, вели Ајдини од Наставничкиот пленум.