– Неисчистените канали се потврда дека потфрлањето на институциите е причина за многу човечки животи. Огромни суми пари, преку програмата за рурален развој, на сомнителен начин завршувале кај фирми и лица блиски на власта, а каналите останаа неистичени, рече на прес конференција Љупчо Николовски, член на ИО на СДСМ, која се одржа кај ободниот канал Камник-Синѓелиќ-Стајковци-Брњарци и Арачиново кои беа поплавени во невремето од 5 август.
– Има злоупотреби со парите на граѓаните, тешки 3 милиони евра, потврди и Државниот ревизор. Во вакви услови ВМРО-ДПМНЕ фрла 18 милиони евра за Панорамско тркало.
За злоупотребите на парите на граѓаните поднесовме и кривична пријава за полтронот на Никола Груевски, министерот Цветков. Корупцијата и криминалот однесоа многу човечки животи. Затоа политичка, морална и кривична одговороност мора да има, рече Николовски.
Новата, одговорна влада предводена од СДСМ целосно ќе ги обесштети граѓаните и земјоделците, и како што рече, дополнително, ќе инвестира 10 милиони евра годишно само за системи за наводнување и одводнување за граѓаните и земјоделците да бидат спокојни.




