Македонија има силна поддршка од САД и ЕУ во евроинтегративниот процес –  проценува потпретседателот на ВМРО ДПМНЕ, Александар Николовски по средбите кои ги имаше новото партиско раководство во Брисел и во Вашингтон, на кои како што вели Николовски, била претставена и новата политика на партијата.

Во разговор со Борјан Јовановски, тој вели дека  ВМРО ДПМНЕ не се согласува со менување на Уставот како дел од решението за спорот за името, ниту на  идентитетот и  јазикот.

Симпатии кон Македонија има, вели Николовски, но никој не би се кладел 100 посто дека ќе има решение за спорот за името.

Премиерот Заев вчера рече дека  од седум точки кои што биле  појдовни  на разговорите, три биле отстранети. Во интервју за грчката Ерт, пред неполн месец  и грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕијас  рече дека се разговара за седум точки, набројувајќи ги името, употребата на името, идентитетот, јазикот, трговската употреба, акронимите и знаците.

Македонските власти веќе се изјаснија дека е прифатлива географска одредница, а како предлози за кои се разговара се Горна Македонија, Северна Македонија, Вардарска Македонија или Република Македонија (Скопје). Идентитетот е црвената линија за македонската влада. Заев по средбата со Ципрас во Давос рече дека  решението на спорот со името мора да го гарантира и идентитетот , што го потенцираше и министерот за надворешни работи Димитров   по средбата со медијаторот Нимиц кој рече дека “ ако дојдеме до таа точка за решение да треба да се допира идентитетот за жал нема да има решение“.

Грчката страна пак инсистира на сложено име за внатрешна и надворешна употреба и промена на македонскиот Устав.

Последната средба меѓу министрите за надворешни работи Димитров , Коѕијас и Нимиц,  се одржа пред два дена во Виена. По петчасовната средба, од МНР соопштија дека продолжуваат напорите за изнаогање решение. Нема потврда дали нова средба меѓу двајцата министри ќе има денес или утре во Софија, каде се одржува состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ за Западен Балкан. Димитров од вчера е во посета на Софија.