Никола Груевски, Мартин Протоѓер, Емил Димитриев, Даниела Рангелова, Тони Јакимовски, Илија Димовски, Владимир Пешевски се само дел од лицата кои се опфатени во истрагите и обвиненијата на Специјалното јавно обвинителство, а коишто поседуваат дипломатски пасоши. НОВАТВ дојде до списокот на сите лица за кои што Министерството за надворешни работи издало дипломатски пасоши.

Меѓу нив има семејства на политичари, пејачи, судии, обвинители, пратеници, градоначалници. Дел од лицата на списокот имаат право на ваков пасош, но има и такви коишто поседуваат пасоши, а не ги исполнуваат условите според законот.

Пасош има и Оливер Андонов, човекот кој беше само еден ден министер за внатрешни на Република Македонија. Иако министер стана на 1 септември, дипломатски пасош добил на 7 септември откако беше разрешен од позицијата министер.

Пасоши имаат и обвинителите Марко Зврлевски,  Јово Вангелвоски, поранешниот министер за информатичко општество Иво Ивановски, поранешниот ректор Велимир Стојковски, но и пејачката Калиопи.

Наскоро на НОВАТВ читајте го целото истражување: Кои се стотиците граѓани кои добиле дипломатски пасош и дали е почитуван законот. 

Исправка: До редакцијата на НОВАТВ стаса реакција од обвинителката Вилма Рускоска. Таа рече дека не поседува дипломатски туку службен пасош. Редакцијата на НОВАТВ по ова спроведе дополнителна проверска на фактите и утврди дека Рускоска е во право. Нејзиното име беше дел од овој текст, но поради грешка е исправено и отстрането, а редакцијата упатува извинување до Рускоска.