Новинарката на НОВА, Кристина Озимец за видео сторијата за конфискација на имот насловена „СЈО трагало по имот на Талевски во Хрватска“, ја доби третата награда од конкурсот за најдобра истражувачка приказна на тема корупција, која се спроведе како дел од Програмата на УСАИД за антикорупција.
– Наградата ми е особено важна бидејќи се работи за тема која треба да го заокружи патот на правдата. Враќањето на украдените пари во буџетот и конфискацијата на имотот од оние кои работеле незаконски е крајниот резултат кој треба да испорача правда во земјата, истакна Озимец.
Првата награда од конкурсот му припадна на Влатко Стојановски од „Фокус“ за текстот „Владата потроши една милијарда евра на субвенции, а увозот на храна е удвоен“, додека новинарот на новинската агенција „Мета“, Владо Ѓорчев, за текстот „Превозниците од „Транспортер“ не сопреа, туку тераат по старо, па и уште побрзо“, ја доби втората награда.
На конкурсот учествуваа девет истражувачки стории, а проектот беше спроведен од Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) и од Институтот за демократија „Социетас цивилис – Скопје“ (ИДСЦС).
Во продолжение наградената видео сторија.




