Американскиот претседател Барак Обама ги повика републиканците да го прекинат петдневниот ќорсокак и да го изгласаат буџетот без условувања.
Републиканците упорно одбиваат во Претставничкиот дом да го прифатат буџетот и на тој начин да одблокираат работа на Владата, додека демократите не се согласат да одложат спроведување на законот на Обама за здравствена заштита.
Во неделното радио-обраќање Обама го засили притисокот врз републиканците наведувајќи примери на луѓе врз кои влијаела блокадата, бидејќи не можат да користат владини услуги или се испратени на принуден одмор.
Обама изјави дека во изминатите неколку дена примил повеќе од 30.000 писма од луѓе кои му опишале на кој начин лично ги погодила блокадата.

