Во Кривичниот суд одложено е судењето за новинарот Зоран Божиновски. Според соопштението од Судот причина е отсуство на судијката Сандра Крстиќ, кај која беше распределен предметот, која од од лични и семејни причини побарала да биде прераспределена во друг оддел.

Од судот велат рочиштето ќе биде дополнително презакажано.

Академик објави дека судијката Ленка Давиткова од одделот Кривично полнолетни е префрлена да постапува како судија по предмети по кои досега постапувала судијката Крстиќ со цел да не дојде до одолжување на судските постапки и итното постапување по притворските предмети.

Во случајот „Шпион, на  18 обвинети им се суди за злосторничко здружување, шпионажа и уцена, опфатени се поранешни и сегашни разузнавачи од цивилното и военото разузнавање, екс полициски службеници, екс директорот на Управата за борба против перење пари, екс шефот на Претседателот на Собранието на Република Македонија.

Семејството на Божиновски на социјалните мрежи објави дека тој штрајкува со глад во притворското одделение во затворот „Скопје“. Покрај тоа, семејството најави дека ќе побара и нов адвокат кој ќе го води неговиот случај.

Здружението на новинарите на Македонија реагираше на начинот на кој се постапува со Божиновски.

– Ние сме многу загрижени за неговата здравствена состојба која е сериозно влошена откако изминатите седум дена одбил да прими и храна и вода. За една недела тој е ослабнат 20 килограми и дневно прима два пати инфузија за да се одржи во живот, изјави претседателот на ЗНМ Насер Селмани.

Новинарот на 14 септември годинава писмено ја известил управата дека ќе започне штрајк со глад поради, според него, неоправданото продолжување на притворот и одолговлекувањето на судскиот процес, кој и после шест месеци од неговата екстрадиција нема започнато, меѓутоа како што реагира ЗНМ, до денеска, никој од неговата страна не бил известен.

Генералниот секретар на Европската федерација на новинари Рикардо Гутиерез, кој деновиве беше во посета на Македонија соопшти дека македонските судови го игнорирале неговото барање за посета на Божиновски и за неговата ситуација се информира преку колегите овде.

Тој потенцираше дека тие како организација веќе го пријавиле случајот во Советот на Европа, чии препораки за безбедноста на новинарите, македонската влада ги потпиша во април годинава.

– Сепак, јас ја прашувам Владата на Македонија, кои мерки ги има преземено до сега? Колку истраги има отворено до сега за случаите на новинарите? Зошто продолжуваат притворите кон новинарите и покрај тоа што власта ги потпиша препораките на Советот на Европа? Дури и владите на земји како Русија и Турција одговараат кога ние алармираме, нагласи првиот човек на ЕФЈ.