Судскиот процес „Диво Насеље“ денеска повторно е одложено откако судската полиција на Врховниот суд не им дозволи на новинарите и на адвокатите да влезат во зградата на судот каде требаше да се одржи рочиштето.
Обвинителката Вилма Русковска изјави дека рочиштето е презакажано за 6 јуни.
Адвокатот Мефаил Арслани изјави дека ќе бараат објаснување од претседателот на Основниот суд Скопје 1 зошто денеска не им било дозволено да влезат во Врховниот суд на судењето.
– Која е играта што ја играат ние не знаеме. Имаме одговор дека денешното рочиште е одложено бидејќи адвокатите не се во судницата, но нас не ни беше дозволено да влеземе во судницата. За ова ќе бараме одговор од претседателот на Основен суд Скопје 1, изјави Арслани.
Судењето требаше да започне и минатата недела, но беше одложено.
Пред две недели, Судот донесе одлука за спојување на овој предмет со предметот наречен „Молња“ во кој се обвинети лица кои пружале логистика на кумановската група.
Спојувањето на двата предмети претставува дополнителен просторен проблем, па преку барање упатено до Министерството за правда, а со одлука на Владата беше одредено судењето да се одвива во големата сала на Врховниот суд која претходно претседателката на Врховниот суд, Лидија Неделкова, не сакаше да ја отстапи поради безбедносни причини.
Во предметот „Дива Населба“ обвинети се 29 лица кои се товарат за сторени кривични дела терористичко организирање од членот 394 – а и тероризам од членот 394 -б од Кривичниот законик. Судењето започна на 9 февруари, а на досегашните рочишта обвинетите се произнесоа дека не се чувствуваат виновни за делата што им се ставаат на товар и беа сослушани бројни сведоци на Обвинителството: роднини и соседи на обвинетите и полициски службеници учесници во дводневните вооружени престрелки.




