Судот на честа при Лекарската комора му ја одзеде лиценцата за работа на гинекологот Никола Дамчевски, неофицијално дознава НОВА од свои извори. Гинекологот се уште не ја добил одлуката на Лекарската комора, а откако ќе ја добие има право на жалба во тек на две недели.

Ваквата одлука на Судот на честа доаѓа откако биле сослушани и соочени двајцата и гинекологот и пациентката. Дамчевски од пациентка е обвинет дека девет месеци ја лажел дека е бремена и и давал непотребни лекови и хормони, а на сослушувањето пред Судот на честа постојано тврдел дека тоа го правел за добро на пациентката.

Нашите извори објаснуваат дека доколку гинекологот се жали, тогаш второстепеениот суд донесува одлука. Доколку повторно се жали, крајна  инстанца е Собранието на комората кое одлучува и по оваа жалба и ја носи конечна одлука. Се дотогаш Лекарската комора не може да се изјасни за одземената лиценца на Дамчевски.

Ова не е првпат гинекологот да бил пријавен во Лекарската комора. Пред три години за него имало уште една пријава, но не биле преземени накакви мерки.

Откако НОВА ја објави сторијата за гинекологот кој девет месеци лажел пациентка дека е бремена  и Основното јавно обвинителство отвори истражна постапка против обвинетиот гинеколог кој во периодот од месец септември 2015 до април 2016 година презентирал состојба на лажна симулирана бременост на пациентка, врз која претходно спровел биолошки потпомогнато оплодување.

Обвинителството побара од судот до завршување на судскиот процес на гинекологот да му одреди мерка забрана за напуштање на државата, да му биде одземен пасошот, како и обврска да се јавува повремено на определено службено лице или кај надлежен државен орган. На гинекологот му се заканува затворска казна од една до десет години.

Гинекологот Дамчевски подолго време е суспендиран од работа на Клиниката за гинекологија. Тој на Клиниката беше вработен и покрај бројните укажувањата на пациентки дека истото се случавало со нив, како и за финасиски малверзации при што не им издавал фискални сметки, ниту постоело медицинско досие.