Денеска во Собранието треба да се гласа за законските измени на Изборниот законик што произлегуваат од меѓупартискиот договор што беше постигнат завчера, и според кој денеска е последен рок за тоа.
Пратениците од опозицијата од денеска треба повторно да се вклучат во редовните собраниски активности, откако повее од еден месец ги бојкотираа пленарните седници и не учествуваа во работата на собраниските работни тела, откако не беше прифатен нивниот рок до кога требаше Уставниот суд да се изјасни за уставноста на Законот за Специјалното јавно обвинителство.
Според договорот измените на Изборниот законик треба да ги изготви Министерството за правда и да ги достави во Собранието. Претпладне координаторите на пратеничките групи треба да имаат координација со претседателот на Собранието Трајко Вељаноски.
Во Изборниот законик треба да се внесат измените кои се однесуваат на Избирачкиот список, вклучително и можноста Државната изборна комисија да ги брише оние гласачи од списокот што нема да се пријават во предвидениот рок. Според партискиот договор рок за пријавување ќе биде даден на 39.502 лица кои се сметаат за спорни.
Во измените треба да биде предвидено и ад хок телото за контрола на медиумите, кое ќе ја контролира нивната работа 100 дена пред изборите.
Новиот договор подразбира дека до 31 август треба да се исполнат неколку услови за одржување фер и кредибилни избори на крајот на годината (можен термин е 11 декември).




