Со пцовки, закани и клоци за новинарските екипи тројцата ослободени пратеници од Златна зора излегоа од грчкиот суд по маратонското сослушување кое траеше повеќе од 17 часа, а едногласната одлука, изненадувачка за многумина, јавува дописничката од Атина на Канал 5 ТВ.
Касидиарис, Панајотарос и Михос ќе се бранат од слобода, со одредени услови, додека пак на Лагос му е одредена мерка притвор, а пресудни биле телефонските разговори веднаш по убиството на музичарот Фисас. Портпаролот на Златна зора, треба да плати и кауција од 50 илјади евра, а заедно со останатите ослободени имаат забрана да ја напуштат земјата.
Сепак, оваа одлука, колку и да беше изненадувачка,а никој во Грција не очекуваше ваков развој на настаните, не значи и дека тројцата пратеници не се виновни. Добро упатените за Канал 5 велат дека едноставно не постоеле доволно докази Касидиарис, Панајотарос и Михос да бидат притворени.
Денеска попладне е сослушувањето на лидерот на партијата, а последниот уапсен пратеник, одговорниот за надворешна политика Папас, на распит ќе биде утре. Откако ќе се комплетираат одбраните ќе се знаат и следните чекори на судот, односно кога ќе започне судскиот процес.

