Јавното обвинителство информира дека во тек е испитување на двајца пилоти од Италија кои биле со други две летала и слетале на аеродромот „Александар Велики“ во Скопје. Испитувањето се врши со цел прибирање на податоци и информации.

Во тек е и увидот на лице место раководен од јавното обвинителство кои се врши на местото на несреќата.

-Увидот се врши од страна на двајца јавни обвинители од Основното јавно обвинителство Скопје, кои раководат со увидните екипи од надлежните органи. По наредба на јавен обвинител обезбеден е дрон кој треба да изврши воздушно снимање на теренот каде што се случила авионската несреќа. Снимките од дронот ќе бидат од голема помош за утврдување на динамиката на движењето на леталото, како и за разоткривање на начинот на кој дошло до несреќата, се вели во соопштението на Основното јавно обвинителство.

Во авионската несреќа која вчер апопладне се случи во близина на селото Кожле животот го загубија шест лица,

кои патувале од Тревизо, Италија, преку Скопје до Приштина со авион „пајпер“. Малиот авион се урнал 4 минути пред слетувањето на скопскиот аеродром, на два километри од селото Кожле во општина Петровец.

Италијанските и косовските медиуми ги објавија имињата на загинатите. Со авионот управувал пилотот Франческо Монтањер кој бил претседател на аеро-клубот во Тревизо. Во авионот се наоѓале и потпретседателот на клубот Дарио Бастасин, како и Лука Дале Муле, италијанката Илариа Берти, косовецот со италијански пасош Висар Бегај, како и неговиот брат Ф.Бегај.

Паднатиот авион бил дел од група составена од три авиони кои летале од Тревизо за Приштина, а претставниците на италијанскиот аеро-клуб требало да отворат сличен спортски клуб и во Косово, пишуваат италијанските медиуми.

На приштинскиот аеродром немало гориво какво што е потребно за авионот Пајпер, па морал да слета во Скопје, а потоа да го продолжи летот.