Денеска судија на претходна постапка треба да го повика осомничениот од случајот „Трезор“ за кој Специјалното јавно обвинителство бара да му се одреди мерка притвор да се појави на распит во Основниот суд Скопје 1.
На распитот треба да присуствува и обвинител од Специјалното јавно обвинителство, кој треба да образложи зошто се бара мерката притвор. По распитот на осомничениот, судот треба да одлучи дали ќе му одреди притвор.
Скопскиот Кривичен суд сѐ уште не се произнесол по мерките на Специјалното обвинителство за случајот „Трезор“. Обвинителството за едно лице побара притвор, а за три лица одземање на пасошот.
За истиот случај СЈО предложи и замрзнување на имотот на скопската фирма „Финзи“.
Вчера СЈО го презентираше случајот „Трезор“, во кој осомничени се три раководни лица од Управата за безбедност и контраразузнавање и едно лице од МВР дека го оштетиле буџетот за 862 илјади евра.
Како што рече обвинителката Фатиме Фетаи, во истражната постапка било утврдено дека четвртоосомничениот им помогнал на првите тројца осомничени да ѝ овозможат на компанијата „Финзи“, со која управувал сега починатиот Коста Крпач, да оствари имотна корист во вредност од 862.045 евра.

