Основното јавно обвинителство Скопје (ОЈО Скопје) ја отфрли кривичната пријава против премиерот Зоран Заев иминистерот за надворешни работи Никола Димитров, за сторено кривично дело – Загрозување на независноста бидејќи пријавеното дело не е кривично дело за кое се гони по службена должност, соопштија денеска од ОЈО Скопје.

„Беа испитани наводите во пријавата поднесена од Граѓанската иницијатива за здраво, достоинствено и возвишено живеење „Преродба“ – Движење на носителите и бранителите на државниот суверенитет „Македонска преродба“ според кои двете обвинети лица – носители на високи државни функции потпишале конечна спогодба со која биле разнишани темелите на постоењето на Република Македонија, како и со која се врши разнебитување и културен геноцид врз Македонците и Република Македонија. Во поднесената кривична пријава, обвинетите беа пријавени и за сторено кривично дело „Злосторство против човечноста“ за кое кривично дело надлежно за постапување е Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. Од тие причини, кривичната пријава против пријавените за ова кривично дело ќе биде доставена на постапување на тоа јавно обвинителство“, велат од ОЈО Скопје.

За да постои кривичното дело – Загрозување на независноста, потребно е оној кој го врши ова кривично дело со умисла да ја доведе Република Македонија во состојба на потчинетост или зависност спрема друга држава. Под независност се подразбира изградба на општествен систем без туѓи влијанија, како и слободно и рамноправно стапување во меѓународни односи и водење политика во тие односи без туѓи влијанија.

„ОЈО Скопје, по анализа на спомнатата Спогодба, тргнувајќи од Преамбулата во која се изнесени целите на актот и нејзините основни начела, оцени дека при склучување на Спогодбата договорните страни се повикале на начелата и целите на Повелбата на Обединетите нации, Завршниот документ од Хелсинки од 1975 година, релевантните акти на Организацијата за безбедност и соработка во Европа и вредностите и начелата на Советот на Европа. При тоа се воделе од духот и начелата на демократијата и се повикале на нивна обврска согласно Повелбата на Обединетите нации и меѓународното право, под каков било изговор и во било која форма, да не се мешаат во внатрешните работи и надлежности една на друга. Надлежниот јавен обвинител ценел дека пријавените при потпишување на Спогодбата не биле ниту под влијание, ниту пак имале помош од државата кон која нашата земја се доведува во потчинетост или зависност, уште повеќе што по потпишувањето на наведената Спогодба следат и други правни инструменти – ратификација и референдум“, велат од ОЈО Скопје.