Процесот на помирување не е лесен и едноставен и сигурно ќе трае со години и децении, рече претседателот Стево Пендаровски на панел дискусијата „Деполаризација на јавниот дискурс“.

„Иако декларативно имавме обединување околу стратешките цели, тука освен ЕУ и НАТО го спомнувам и Рамковниот договор, за жал, наидовме на многу опструкции кои беа далеку од конструктивни критики и забелешки кои ни одземаа многу време и енергија како држава.

Сега кога сме на прагот на формалчно членство во НАТО и пред почеток на преговорите со ЕУ, повторно сме соочени со ново, дополнително поларизирање на односите недоведба и малодушност. Сигурен сум дека оддалечувањето од целта, осносно понатамошното одолговлекување на процесот на интеграциите, само ќе го продлабочи јазот како на интраретнички така и на интеретнички план и дополнително ќе ги засили политиките на поделби, омраза, конфликти и предрасуди“, – рече претседателот Стево Пендаровски.

Пендаровски исто така нагласи дека преку својата изборна платформа се обрзал  дека ќе даде личен придонес за прекинување на политиката на поделби,  поврзувајќи ги граѓаните независно од нивното етничко, верско, социјално или друго потекло.

Сведоци сме колку малку ни е потребно за сплотеност околу заедничките цели и вредности. Видете ги само последните примери – што се случуваше по успехот на Тамара на Евровизија, по освојувањето на европската титула на РК Вардар, по златниот медал на кадетското првенство во борење на Бесир Алили.  Имаме извонредни уметници, големи научници, спортски величини кои треба заеднички да ги респектираме. Наспроти заморот од долгата и мачна транзиција и перцепциите кои се предизвикани воглавно од тоа, имаме традиција и култура, имаме прекрасна земја и прекрасни луѓе. Зарем треба во нашите животи да се опкружиме со гнев и омраза и наместо достоинство и почит кон другиот да негуваме гнев и завист?“, рече Пендаровски.

Професорот Трајко Славески делумно се согласи со ставовите на Пендаровски, но укажа дека наместо зборот „помирување“, можеби е подобро да се зборува за „деполаризација“ на општеството.

– Мислам дека е најдобро меѓу претставниците на политичките партии да се постигне џентлменски договор за избегнување говор на омраза. Од СДСМ уживаат кога ќе кажат ДПМНЕ, а од ВМРО-ДПМНЕ кога велат СДС. Јас никогаш не сум го употребил изразот „комуњар“, а некој многу често и јасно го користи. Да не се навредуваме, туку да се натпреваруваме“ рече Славески.