Холандскиот амбасадор во Скопје Воултер Пломп кажа дека е многу опасно да се користат меѓуетничките тензии за да се одвлече политичкото внимание од други работи во синоќешното интервју во емисијата „Фактор” на Телевизијата „24“.

-Меѓуетничките односи можат да бидат чувствителни и затоа политичарите мора да бидат многу внимателни со јазикот кој го користат. Голем напредок за решавање на кризата се направи врз основа на Договорот од Пржино, но нема да има крај на кризата се додека не се стави крај на неказнивоста и на големиот недостаток на одговорност, бидејќи тоа беше и изворот на политичката криза. Мислам дека е многу опасно да се користат меѓуетничките тензии за да се одвлече политичкото внимание од други работи, рече Пломп.

Тој исто така смета дека истрагата за аферата за прислушувањето е од клучно значење.

– Потребно е да се истражат сите индиции за сторен криминал кој произлегува од аферата „прислушкување“. Ако и понатаму се отежнува работата на СЈО целиот договор од Пржино ќе биде залуден, оценува холандскиот дипломат Пломп во разговорот во политичко – економскиот магазин Фактор 24.

Во врска со одлуката на претседателот Ѓорге Иванов да не го даде мандатот за формирање Влада на лидерот на СДСМ, холандскиот амбасадор вели дека формирањето влада врз основа на резултатите од изборите е најбрз начин за излегување од кризата.

-Без разлика дали доаѓа од ЕУ, НАТО, САД или од ОБСЕ, пораката е многу јасна – формирањето влада врз основа на резултатите од изборите е најбрз начин за излегување од кризата. Изборите не се само за победување, туку и за формирање на коалиции. На крајот, се работи за мнозинска коалиција која ќе мора да формира нова влада. Новата влада треба да биде формирана врз основа на резултатите од изборите од 11 декември и да почне да спроведува реформи, вели тој.