Лидерот на владејачката партија, ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски не учествувал во предизборна дебата повеќе од десет години. Дали вчерашното појавување на министерот за надворешни работи, Никола Попоски на дебата со изборниот кандидат на СДСМ, Стево Пендаровски е сигнал дека е можна предизборна дебата меѓу Заев и Груевски?
Во секоја нормална демократска земја е невозможно да се случат избори, без лидерска предизборна дебата. Вака аналитичарите, комуниколозите, но и психолозите, ја коментираат можноста македонската јавност повторно да нема шанса да ги погледне на дебата лидерите на двете најголеми политички партии, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ.
Од 2006-та година до денеска ова се четврти предвремени парламентарни избори, во кои Никола Груевски одбива да излезе на дебата со лидерите на опозициската СДСМ. Заев на предизборните митинзи го повика Груевски на дуел за соочување на фактите. Веднаш потоа доби одговор од директорот на центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ, Иво Котевски дека Заев повикува на многу работи, но тоа не значи дека се треба да му се исполни, што важи и за тв –дуелите.
Сепак, дали вчерашното појавување на министерот за надворешни работи, Никола Попоски на телевизијата Алсат, на дебата со изборниот кандидат на СДСМ, Стево Пендаровски, Артан Груби од ДУИ и Идриз Орана од ДПА е сигнал дека е можна предизборна дебата меѓу Заев и Груевски?
Без дебата, не се вистински избори
Во ниедна нормална демократска држава не се случило да нема дебата меѓу лидерите во предизборието, вели професорката Емилија Симовска од Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања. Ова според неа е можно само во тоталитарни режими, но не и во демократски општества.
„Ако нема дебати тоа не се вистински избори. Тоа е дел од изборниот процес, каде јавноста ќе ги запознае сличните или различните аргументи. На соочувањето луѓето ќе имаат можност да се одлучат и да ги споредат фактите. Во моментот, се избегнува таа споредба и му се одзема правото на гласачот да може да ги измери добрите и лошите ставови или особини на кандидатите“, вели Симовска.
Жанета Трајковска од Институт за комуникациски студии вели дека за жал Македонија покажува дека е општество на почетокот од демократизацијата, односно дека ќе мора повторно да учи што е дебата.
„Груевски досега не се појавуваше, веројатно затоа што неговите ПР стратези одлучиле дека не е добро да излезе на дебата. Претпоставувам дека направиле некаква проценка дека тоа нема да влијае добро за него и за неговиот рејтинг, во правдањето на политиките кои ги презел. Во било кое општество ова би било лошо за лидерот и би значело или дека се плаши и нема доволно аргументи да се соочи со својот опонент или дека неговата политика е погрешна“, вели Трајковска.
Таа додава дека во последните 10 години јавноста се навикна да гледа само монолози, затоа што владејачката партија има стратегија на комуницирање само со своето гласачко тело.
„Од друга страна, оние кои не се нивни гласачи, преку медиумите добиваат вести кои се произведени од политички центри полни со демонизирање, негативни информации и навреди за политичкиот опонент. Тоа е стратегијата на владејачката коалиција, која сама себе си се велича, а од друга страна ги напаѓа сите оние кои имаат поинакво мислење. Ова е можно само во држави како нашите, каде најголем дел од медиумите се поврзани со владејачката коалиција и тие се про-партиски медиуми. Ваквата стратегија на немање дебати не може да опстои, но ВМРО-ДПМНЕ ги купи медиумите и на тој начин комуницира со јавноста“, вели Трајковска.
За психологот Вера Цуракова, политичарите се толку закрвавени и кампањата е толку валкана, што кандидатите немаат лице да се погледнат еден со друг во очи.
„Постои големо ривалство и особено голема потреба за власт. Од психолошки аспект, потребата за власт и моќ е особено истакната кај автократските личности и за да се дојде до власт не се бираат ни начин, ни средства. Се избегнува да се сретнат затоа што не можат да се поднесат еден до друг. Секако може и да бегаат од дебата, за да не бидат соголени пред јавноста“, вели Цуракова.
Америка има државна комисија за претседателски дебати
Во Америка е невозможно да се случат избори, без предизборни дебати. Доналд Трамп тактизираше околу неговото присуство на една од дебатите со Клинтон, но сепак на крајот беше дел од сите предизборни дебати. Многумина сметаат дека Трамп никогаш не би победил, доколку не се појавеше на дебатите со Хилари Клинтон. Сите предизборни дебати ги организира Комисијата за претседателски дебати на Америка, која е независна невладина организација основана во 1987-ма година, со спонзорство на двете најголеми политички партии, Демократската и Републиканската. Таа е надлежна да ги организира дебатите за американските претседателски избори и ги има водено и организирано сите дебати од 1988-ма наваму. Поранешниот директор на оваа Комисија во 2013-та година дошол во Македонија и се сретнал со четирите најголеми политички партии. Тој ја посетил и МРТВ за да го испита потенцијалот на јавниот сервис за организација на предизборна дебата. Сепак, на крајот една партија одбила да учествува. Единствено пред претседателските избори, јавноста имаше можност да види дебата меѓу главните кандидати – Стево Пендаровски и Ѓорѓе Иванов.
Сторијата е работена во соработка помеѓу НОВА ТВ и ПортАлб.







