Започна предизборната кампања за локалните избори кои се закажани на 15 октомври.

Граѓаните имаат уште три недели за да одлучат за кои кандидати ќе го дадат својот глас за градоначалник на местото во кое живеат. Слоганот на СДСМ е „Живот за сите“, а слоганот на ВМРО ДПМНЕ е „Секогаш работа, секогаш Македонија“.

СДСМ кампањата ја започна со голем митинг во Битола, а ВМРО ДПМНЕ со митинг во Охрид. Демократската Унија за Интеграција митинзите ќе ги започне од општините Долнени и Пласница. Пред жителите на овие општини ќе се обрати и претседателот на партијата Али Ахмети.  На овие избори, ДУИ ќе настапи со слоганот „Заедно за општината која ја сакаме“.

СДСМ и ВМРО ДПМНЕ на вечерашните митинзи, ги презентираа своите кандидати за градоначалници, а присутни беа и лидерите на партиите.

Наташа Петровска е кандидатката за градоначалничка на Битола од СДСМ.

Наташа Петровска, кандидатка за градоначалничка на Битола од СДСМ

– Ова е мојот тим, моите битолчани, мојата Битола, вие сте мојот тим – ги поздрави Петровска своите сограѓани.

Таа е професор по математика и веќе 20 години е член на СДСМ.

Според неа, Битола има срамни влезови во градот и таа ќе го промени тоа.

– Се богатеа на нашите плеќи, со нашите пари. Доста е, промени мора да се случат. Битола нема време за чекање, овие избори се за Битола поинаква, посреќна, перспективна – беа пораките кои таа ги испрати од бината.

Петровска најави и гасификација на Битола, по како што рече „примерот на Струмица“.

Нејзиното ветување за реновирање на Офицерскиот дом беше поздравено со аплауз од насоабраните граѓани.

– После четири години сакам со чист обрз да пијам кафе со вас на Широк сокак, за мене чесноста е пред се – рече Петровска.

Лидерот на СДСМ, исто така со свој говор се обрати до граѓаните во Битола. Заев за кандидатката Петровска рече дека учениците ја сакаат, иако им предава математика.

– Овде сме да најавиме почеток на победа на живот за сите граѓани во сите општини во Република Македонија – рече Заев.

Според него прв приоритет е работни места за младите.

– Новата влада предводена од СДСМ е одговорна и домаќинска власт која е свртена кон потребите на граѓаните. Водиме политика од збор, политика која значи служење на граѓаните – рече Заев.

Зоран Заев на митингот во Битола

– Владата во изминатите четири месеци јасно покажа дека сме влада од збор. Веднаш ги скративме непродуктивните трошоци и ги пренасочивме за потребите на граѓаните. Досега се скратени повеќе од 45 милиони евра за непродуктивни трошоци за помалку од четири месеци – рече Заев.

Заев рече дека почнале неделни состаноци со ЕЛЕМ, за решавање на проблемот со загадувањето.

– Ни треба вашата поддршка, ни треба вашиот влог. Промената почнува од кај вас, од секое село, од секоја општина. Заврши времето на „еј Миле ми текна, да ставиме тука едно фонтанче“. Градиме по план! Без урбанистички хаос, без провизии – рече Заев.

Заев се пошегува и на сметка на кампањата на опозициската ВМРО ДПМНЕ.

– Слушам од другата страна зборуваат за нова ера, за некакви нови утра. Од 30 мај граѓаните се будат секое утро ослободени од уцени и закани. Слободно се дише во Македонија. Македонија веќе живее нова ера ослободена од режимот на Груевски – рече Заев.

Тој го прокоментира и изоставувањето на буквата М од името на партијата Социјалдемократски сојуз на Македонија.

– Поголеми патриоти сме од нив 10 пати. Патриотизам е живот за сите, живот во Битола, живот во Македонија. Нека му е на чест, па граѓаните се зафркаваат со него. ДПМНЕ значело Демонтиран патриот за монтирање на нова ера или Друштво на профитери манипулатори недоквакани единки. Остана граѓаните шала да тераат со нив – рече Заев.

Според Заев има и добри луѓе меѓу кандидатите на ВМРО ДПМНЕ, меѓутоа сите се со дамката на Груевски.

– И на врапчињата во Македонија им е јасно што ќе се случи на овие избори.Очекувам победа со повеќе од 5000 гласа разлика во Битола! Дојден сум вечерва да барам и молам поддршка поголема во разлика од 5000 гласови. За да ни тежи, да работиме, да вратиме за да има живот во Битола како што имаше. Барам поддршка за да дадете аманет да работиме за граѓаните, оти секој граѓанин е важен – рече Заев.

На крајот од митингот, на сцената се појавија Кристина Арнаудова, Бени Шаќири, Ѓоко Таневски и Златко Ориѓански кои ја изведоа песната за кампањата на СДСМ.

Речиси во исто време со митингот на СДСМ во Битола, митинг имаше и ВМРО ДПМНЕ во Охрид.

Митко Тилев е кандидатот за градоначалник на Охрид од ВМРО ДПМНЕ. Тој специјалист-педијатар, поранешен пратеник во Собранието на Република Македонија, деценија директор на болницата за ортопедија и трауматологија „Св.Еразмо Охридски“.

Митко Тилев, кандидат за градоначалник на Охрид од ВМРО ДПМНЕ

– Влегувам во оваа трка со чисто срце и душа. Сега пред вас, одговорно тврдам дека како иден градоначалник на Охрид, најсовесно ќе ја извршувам својата обврска и должност кон граѓаните, кон сите вас. Имам визија и мисија како Охрид да продолжи со вистински проекти – рече Тилев.

За него, подобрување на животниот стандард ќе биде приоритет.

– Нашата сила е нашиот народ, нашот народ е нашата држава. Јас вистински го сакам својот град со срце, со дела – рече Тилев.

Според Тилев, ВМРО ДПМНЕ во Охрид најмногу градело, па така ќе продолжеле и натака.

Најави силна промоција на туристичките капацитети, комплетна реконструкција на булевар „Туристичка“, нова трибина и соблекувална на стадионот на „Билјанини извори“, бесплатна здрава храна за учениците од прво до петто одделение, реконструкција на училиштата и градинките.

На митингот во Охрид, пред граѓаните се обрати и лидерот на ВМРО ДПМНЕ; Никола Груевски.

– По долги анализи да се избере најдобриот предлог, за наредните 4 години напредок, ВМРО-ДПМНЕ за градски татко на Охрид го повика и застанува зад  доктор Митко Тилевски, Ваш многу угледен и почитуван сограѓанин, познат лекар, педијатар, пред долго години и народен пратеник, чесен и работлив човек, борец за све што ќе се зафати свесен за проблемите на Охрид, за предизвиците кои доаѓаат но и полн со енергија, жар, големо животно и работно искуство, идеи, со добра воља и чиста мисла, и подготвеност неуморно да работи на напредок и успеси на Охрид и охриѓани – рече Груевски.

Никола Груевски на митингот во Охрид

Тој ги повика граѓаните на 15 октомври да гласаат за Тилев,  бидејќи како што рече, тој бил „ многу сериозна личност која кога ќе се нафати за некоја работа го прави тоа со сета своја чест и одговорност “.

– Планираме изградба на велосипедска патека од Охрид до Свети Стефан. Ќе изградиме  спортски и детски игралишта во село Елшани, Долно Коњско, Пештани. Во населбата Железничка предвидуваме изградба на повеќенаменско спортско игралиште и балон сала со вештачка трева која ќе се користи за мал фудбал – најави Груевски.

– Гласајте за кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата За подобра Македонија, за да продолжиме заеднички да ја градиме нашата иднина. Да продолжиме да градиме општество во кое сите ќе живееме во слога и мир, без поделби и омраза, со меѓусебна почит на сите граѓани. Да ги зачуваме нашите заеднички вредности и да ги почитуваме правата и потребите на сите граѓани поединечно. Обединети да ги надминеме предизвиците со кои се соочува нашата држава и да ја зачуваме задничката цел. Цел која отсекогаш е иста, а таа се вика Македонија – повика Груевски.

На крајот од митингот, на сцената се качија Владо Јаневски, Андријана Јаневска, Миле Кузмановски, Блага Петреска кои ја изведоа песната за политичката кампања на ВМРО ДПМНЕ.

Кампањата за првиот изборен круг завршува на 13 октомври во 24 часот.

Вториот круг од изборите е закажан две недели подоцна, на 29 октомври. Изборната кампања за вториот круг завршува на 27 октомври во 24 часот.

Шестите локални избори во Македонија ќе се спроведуваат на 3.480 избирачки места во 80 општини и во Градот Скопје.

Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР изборите ќе ги следи со 20 долгорочни набљудувачи, 16 експерти се дел од тимот, а непосредно пред изборите се очекува да пристигнат околу 300 краткорочни набљудувачи. Од асоцијацијата МОСТ ќе го набљудуваат процесот со 80 долгорочни набљудувачи и 2000 краткорочни на денот на изборите кои ќе бидат распоредени во секоја општина. Цивил процесот ќе го следат со 106 акредитирани набљудувачи, но се надеваат на поддршката од неколку стотици соработници, кои како што велат, со години наназад внимателно ја следат целата ситуација.