Помалите политички партии се во преговори како ќе настапат на претствојните избори закажани за 11. декември. Клучната дилема меѓу нив е дали да се приклучат на третиот блок кој го најави Павле Трајанов од Демократскиот сојуз или да се создаде широк фронт на сите опозициски партии.

Власта треба да се нападне од две страни, затоа надвор од опозицијата неколку помали партии и движења формиравме трет блок.

Вака лидерот на Демократскиот Сојуз Павле Трајанов ја коментира одлуката за формирaње на Коалицијата за промени и правда.

Во неа засега освен Демократскиот Сојуз се невладината ДЕМОС, движењето ФРОДЕМ на Јове Кекеновски, како и МРО – Работничка партија.

Трајанов вели дека деновиве се водат разговори со ВМРО-Народна Партија на Љупчо Георгиевски, партијата на Љубе Бошковски – Обединети за Македонија, како и со Достоинство на Стојанче Ангелов, но се уште нема конкретен договор со нив. Неизвесно е дали во оваа Коалиција ќе влезе и Партијата за Демократска обнова (ДОМ).

-Идејата е да не се цепка гласачкото тело. Со ова не сметам дека се ситни отпорот против Груевски, напротив, власта треба да биде нападната од две страни.  60 отсто од граѓаните не би гласале ниту за СДСМ, ниту за ВМРО-ДПМНЕ, па затоа добро е да се има и друга опција. Ако ние помалите партии настапиме поединечно, тогаш ништо нема да се постигне, во коалиција е поефикасно, вели Трајанов за НОВА.

Претседателот на партијата „Достоинство“ Стојанче Ангелов вели дека е во постојана комуникација со повеќе опозициски партии, меѓуто партијата се уште нема донесено дефинитивна одлука како ќе настапи на избори.

-Уште размислуваме дали е најдобро да се направи тој десен блок, или пак да се приклучиме на опозицијата. Уште вршиме анализи, ако процениме дека некоја варијанта е подобра од друга за рушење на овој режим тогаш ќе ја прифатиме таа, вели Ангелов.

Гоце Марковски – член на партијата Левица вели дека на изборите тие ќе настапат самостојно, освен доколку не се формира широк опозициски фронт заедно со албанските партии.

-Левица на претстојните избори најверојатно ќе настапи сама. Велам најверојатно, бидејќи доколку се формира широка, сеопфатна, мултиетничка и антирежимска коалиција тогаш би ја преиспитале нашата одлука. Доколку не се случи тоа и настапиме сами, не гледам дека е тоа трагично. Факт е дека сме нова и мала политичка партија, но  подобро е да се настапи со фер понуда, а не по секоја цена да се бара опција за влез во Собранието. Држиме до нашите принципи, имаме поддржувачи, вели Гоце Марковски за НОВА.

За формирање на широк фронт е и најголемата опозициска партија СДСМ. Портпаролот Петре Шилегов вели дека  приоритет е да се создаде што поголем фронт за да се сруши актуелната власт.

-Наша примарна цел е тој фронт да биде што поголем. За сите постигнати договори ќе бидете навремено информирани, вели Шилегов.

Од ВМРО-ДПМНЕ нема најава за нови промени, откако коалицијата ја напуштија Демократскиот сојуз и ДОМ.